More

    Ајде веќе еднаш да ги налутиме Бугарите – ќе наиде ли на владина поддршка иницијативата на Ѓорчев?

    spot_img

    Преминувањето од дефанзива во офанзива ни е единствената шанса да излеземе од пат-позицијата во којашто се наоѓаме, вели за Плусинфо поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, кој уште вчера им предложи на македонските власти да направат анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, но и да воведат регистар и да го бележат бугарскиот говор на омраза упатен кон македонската државност, нација и историските личности.

    Тој вели дека Македонија конечно треба да се разбуди од зимскиот сон и да почне со исти „куршуми“ да возвраќа на бугарските напади и провокации.

    Ѓорчев: Сега сме во губитничка позиција, но со кревање на гласот барем ќе кажеме дека сме држава, дека имаме стандарди, дека имаме Устав. Конечно треба да станеме и во Советот на Европа треба да згрмиме дека ова што ѝ се прави на Македонија е двоен стандард, двоен аршин и дека ние бараме против Бугарија да бидат воведени санкции.

    Со фудбалски речник, како што објаснува нашиот соговорник, додека Бугарите агресивно го напаѓаат нашиот гол, ние треба да бидеме итри и да ја украдеме топката, па со брз контра-напад да го претрчаме теренот и да ја затресеме противничката мрежа. А таков успех, објаснува Ѓорчев, најлесно се постигнува доколку редовно ги бележиме сите бугарски провокации и редовно во вид на извештаи ги испраќаме на адресата на Советот на Европа.

    – Бугарите се многу добро организирани во поглед на билатералниот проблем со Македонија. За разлика од нас, тие многу силно работат и многу педантно им работат службите. А ние ништо не правиме. Не водиме никаква евиденција за говор на омраза од бугарска страна. Македонските служби воопшто не следат и не бележат што пишуваат медиумите во Бугарија. Но, редно време е земјава да премине од дефанзива во офанзива. Потребно е јавно да им соопштиме на Бугарите дека ние сме рамноправна суверена држава, дека имаме право на посебна автономна политика и дека не дозволуваме Софија да ни кажува како треба да ни биде составен Уставот за прашање за коишто токму Бугарите имаат проблем со Советот на Европа. Исто така, потребно е да се направи регистер за лажни вести и за говор на омраза, а вработените во секторот за правни работи во МНР треба да ги следат сите бугарски портали, весници, телевизии, да го следат БГНЕС, да го следат бизнисменот Милен Врабески, европратениците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев… Треба будно да го следат секој бугарски чекор и секој месец да испраќаат извештај до Советот на Европа. На пример, откако власта и опозицијата во земјава се согласија за да се извршат измени во Законот за здруженија, највлијателните бугарски медиуми објавија дека „двете најголеми политички партии во Македонија се обединиле против Бугарите во Македонија“. А тоа не е точно. Станува збор за класична лажна вест која предизвикува омраза, гнев и револт. Оти, нашите пратеници се обединија за да се спречи регистрација на здруженија со имиња на фашисти, бидејќи нашата држава е антифашистичка, настаната во антифашистичка борба во која загинале 25.000 Македонци. И толку. А ние не гледаме како Бугарите всушност манипулираат со јавноста и воопшто не реагираме. Затоа велам дека е потребна македонска офанзива – објаснува Ѓорчев.

    Македонија сега удира со глава во ѕид, а ако нешто не промени, на крајот ќе си ја скрши главата, додава тој.

    – Мора да промениме нешто, оти гледаме дека досегашна наша политика е неуспешна. Сфаќаме дека дефанзивата и молчењето воопшто не ги смируваат Бугарите, туку напротив, ги разгоруваат нивните апетити. Па, ако гледаме дека вака ништо не постигнуваме, тогаш треба да им кажеме како се чувствуваме и треба да им најавиме дека преминуваме во офанзива. За секој погрешен потег на Бугарите ќе биде информиран Советот на Европа, а ако и тогаш ништо не се промени, тогаш ќе бараме лобирање од Чешка, Словачка, Полска, и од сите други словенски земји. Погледнете како се бори албанскиот премиер Еди Рама во Советот на Европа за аферата со трговијата со органи на Косово. Тој се бори за друга држава која не е членка на Обединети Нации, но тоа го прави оти е сигурен дека извештајот на обвинителот не одговара на вистината и бара да се укине тој извештај, а Косово да биде ослободено од обвинение. Значи, премиер на една држава лавовски се бори за друга држава, а ние, кои сме постојано клеветени и напаѓани, си молчиме и се криеме под јорган само за да не ги налутиме Бугарите. Па ајде веќе еднаш да ги налутиме. Што ќе добиеме ние со молчење? Ако ништо друго, немаме што да загубиме, туку можеме само да добиеме. Сега сме во губитничка позиција, но со кревање на гласот барем ќе кажеме дека сме држава, дека имаме стандарди, дека имаме Устав. Конечно треба да станеме и во Советот на Европа треба да згрмиме дека ова што ѝ се прави на Македонија е двоен стандард, двоен аршин и дека ние бараме против Бугарија да бидат воведени санкции. Не заборавајте дека во Советот на Европа се Хрватска, Словенија, Чешка, Полска, па ние ќе побараме поддршка од сите словенски земји. Можеби нема да нѐ разберат Французите или Белгијците, ама ќе нѐ разберат Словените од Европа – изјави Ѓорчев.

    Во поглед на заедничкото чествување историски личности, Ѓорчев вели:

    – Јас сум човек кој знае бугарски јазик, мои книги се преведени на бугарски јазик, искрено ги ценам Бугарите и сметам дека сме многу блиски, ама тоа не значи дека сме исти. Јас сум Македонец, а вие сте Бугари. И ние сега ќе дискутираме чиј бил Гоце Делчев, човек роден во Македонија, се бори за автономна Македонија, умира во Македонија и желба му било да биде закопан во слободна Македонија. И што повеќе ќе дискутираме? Ако сакате вие почитувајте си го во Бугарија, никој не ви забранува, ама што има заеднички да го чествуваме? Бугарскиот амбасадор нека положи цвеќе на гробот на Делчев во Скопје, а македонскиот амбасадор во Софија нека положи цвеќе на споменикот во Благоевград. И крај на приказната. Нема што тука ние да попуштаме – објаснува Ѓорчев.

    Потребно е да ја прошириме играта и да го освоиме јавното мислење. Ако успееме да го направиме тоа, тогаш битката е добиена.

    Ивица БоцевскиПоранешен амбасадор

    И поранешниот македонски амбасадор Ивица Боцевски смета дека нападот е најдобра одбрана.

    – Највпечатливите бугарски изјави и провокации против македонскиот јазик и нација треба да се печатат во најугледните европски и светски весници, чисто за да се види со кого си имаме работа. Исто така, овој проблем треба да се покренува како тема на секоја можна средба на којашто ќе седнат наши претставници со претставници на други земји. Јас, на пример, така би играл, бидејќи сметам дека во моментов ни е потребна офанзива повеќе од сѐ на светов. Потребно е да ја прошириме играта и да го освоиме јавното мислење. Ако успееме да го направиме тоа, тогаш битката е добиена – изјави Боцевски.

    Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img