Голема чест ми беше да бидам претседателка на ЗЕЛС и воопшто не ме обесхрабри тоа што се собраа еден куп мажи за да ме сменат од функцијата, рече градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Таа вели дека уште повеќе ја мотивираат нападите од политичките партии кон неа, а дополнителна мотивација ѝ дава и фактот дека е сменета од функцијата во ЗЕЛС.
– Самата смена укажува на политичката заднина на сите постапки. Мотивира кога знаете дека единствената замерка што можат да ви ја најдат дека не сте од нивниот политички табор. Многу добро функционираат политичките елити веќе 30 години кога имаат заеднички интерес или заеднички непријател. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаа за моја смена затоа што не сум од онаа политичка опција која претендира да има свој претседател таму – рече Арсовска во гостувањето на емисијата „Студио 10“ и додаде дека институцијата ЗЕЛС нема посебни привилегии.
Да беше претседател на ЗЕЛС е пред се голема чест, додаде таа.
– Тоа што јас бев првата жена таму што беше поставена и тоа што се собраа цел куп мажи да ме сменат, не ме обесхрабри. Тоа е добар показател за начинот на кој што се движат нештата. Штом си нашле заеднички противник, тоа за мене е само дополнителен мотив – посочи Арсовска.