Зоран Попов е еден од предлозите на МНР за нови амбасадори кои веќе поминале на Влада, покрај екс градоначалничката на Тетово Теута Арифи и директорот на АНБ Виктор Димовски, кои треба да заминат во ЕУ и Париз, објави Фокус.
Дипломатот од кариера Зоран Попов, кој моментално е државен секретар во Министерството за надворешни работи, ќе биде нов македонски амбасадор во Вашингтон, каде неколку години амбасадата функционира без амбасадор.
Според неговата официјална биографија, Попов најголем дел од дипломатската кариера ја поминува во Директоратот за Европска Унија, напредувајќи од помлад соработник до помошник раководител на сектор за политички односи со ЕУ.
Според МКД.мк, покрај претходно споменатите тројца на списокот се и Мето Белески, кариерен дипломат, е предложен за амбасадор во Белгија, Реџеп Демири, член на ДУИ, сегашниот генерален конзул во Минхен е предлогот за амбасадорското место во Берн, Швајцарија. Од ДУИ доаѓа и предлогот за Дритон Кучи за амбасадор во Осло, Норвешка.
Нов амбасадор во ОБСЕ, Виена ќе биде Едмонд Адеми, советник на актуелниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен министер без ресор за дијаспора, а пак од претходно се говори дека Андреј Жерновски бил предложен за амбасадор во Белград, Србија.