Апликација за виртуелна реалност, една од многуте до кои пристап имаат и младите тинејџери, вклучувала стриптиз-клуб во кој аватарите симулирале секс. Иако Метаверзумот на Марк Закерберг, газдата на Фејсбук, уште е во развој, веќе постојат апликации со кои преку ставање на окулус, односно слушалки луѓето можат виртуелно да бидат некаде и со некого, пишува Би-Би-Си. А, скоро 75 отсто од окулусите кои моментално се купуваат на пазарот, се произведени од Фејсбук, или по ново, Мета.
За да го истражат овој проблем, од Би-Би-Си најмиле истражувач, кој ја инсталирал апликацијата. Во неа намерно се претставил како 13-годишно девојче. Всушност, тоа била и најмалата старосна граница за користење на апликацијата. Резултатот бил шокирачки. На ова „виртуелно“ 13-годишно девојче, во виртуелниот стриптиз-клуб му приоѓале неколку машки аватари, а добило и закани за силување.
Се работи за апликацијата VRChat, која не е направена од Фејсбук, но може да се симне преку ап-сторот на слушалките Meta Quest кои се развиени од Фејсбук.
Од Би-Би-Си разговарале и со борец за безбедност кој поминал месеци истражувајќи го VRChat и кој сега ги објавува своите видеа на YouTube. Тој зборуваше со деца кои велат дека биле дотерани на платформата и принудени да учествуваат во виртуелен секс. Тој сакал да остане анонимен затоа што е загрижен за безбедноста на своето семејство.