Енергетската криза и геополитичките тензии и годинава ја прават непредвидлива деловната клима. Сепак Народната банка со внимание ги следи движењата надвор и кај домашните фактори, на редовна основа ја преиспитува поставеноста на монетарната политика и е подготвена за соодветна реакција. Ова на заедничка средба го констатирале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Договорена е поголема соработка и поредовно меѓусебно информирање за макроекономските движења, како и за согледувањата на приватниот сектор за економските услови во земјата и во меѓународното окружување.
На работниот состанок, како што информираат од НБ, се разговараше околу тековните предизвици со коишто се соочуваат македонските компании.
Беше истакната високата поврзаност на домашната економија со Европската Унија, како наш најголем трговски партнер.
„Продолжената пандемија влијаше врз ликвидноста на економските субјекти во ЕУ, што постепено започна да се чувствува и кај македонските фирми коишто ги пласираат своите производи на европските пазари, а особено на германскиот. Исто така, постпандемиското закрепнување на европската економија позитивно влијае врз остварувањата и на домашната економија“, беше истакнато од Стопанската комора.
Сепак, беше истакнато дека непредвидливоста е голема, особено имајќи ја предвид енергетската криза и геополитичките тензии, соопшти НБ.
Мерките и политиките коишто ги спроведе Народната банка (НБ) за време на пандемијата придонесоа за ублажување на ударот врз економијата, а потоа помогнаа и во процесот на закрепнување. Регулаторната флексибилност за време на пандемијата придонесе за солидна кредитна поддршка по значително намалени каматни стапки, што им помогна на фирмите во премостувањето на предизвиците со ликвидноста.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, се додава во соопштението, се осврна на последните макроекономски остварувања, коишто упатуваат на раст на домашната економија согласно со макроекономските проекции но и присутни ризици.
„Во однос на ценовните движења беше посочено дека засега нагорното придвижување на инфлацијата се должи главно на фактори поврзани со растот на цените на енергенсите и храната на меѓународните финансиски пазари. Во такви околности, засега монетарната политика е олабавена, за да се овозможи соодветна финансиска поддршка на економскиот раст. Сепак, Народната банка со внимание ги следи движењата и кај домашните фактори, на редовна основа ја преиспитува поставеноста на монетарната политика и е подготвена за соодветна реакција“, се вели во соопштението.
На работниот состанок беше разговарано и за продлабочувањето на соработката помеѓу Народната банка и Стопанската комора, преку поредовно меѓусебно информирање за макроекономските движења, како и за согледувањата на приватниот сектор за економските услови во земјата и во меѓународното окружување.