More

    Американец и двајца Руси безбедно слетаа во Казахстан

    spot_img

    Американски астронаут и двајца руски космонаути денеска безбедно слетаа во Казахстан откако ја напуштија Меѓународната вселенска станица во истата капсула, и покрај засилениот антагонизам меѓу Москва и Вашингтон поради конфликтот во Украина, вели Ројтерс.

    Летот, со кој Марк Ванде Хеи од НАСА и Русите Антон Шкаплеров и Пјотр Дубров се вратија на Земјата, беше внимателно следен за да се утврди дали ескалацијата на судирите се прелеала во долгогодишна соработка во вселената меѓу двата поранешни противници од Студената војна.

    Руската вселенска агенција Роскосмос објави снимка од слетувањето од казахстанската степа и соопшти дека група технички и медицински специјалисти биле испратени да им помогнат на астронаутите да излезат од капсулата.

    – Екипажот се чувствува добро по слетувањето, според спасувачите – напиша шефот на Роскосмос Дмитриј Рогозин на Телеграм.

    Ванде Хеи, кој ја заврши својата втора мисија на ИСС, постигна американски рекорд за издржливост во вселената од 355 последователни дена во орбитата, надминувајќи го претходниот рекорд од 340 дена поставен од астронаутот Скот Кели во 2016 година, според НАСА.

    Ванде Хеи (55) беше насмеан и мавташе додека спасувачите го вадеа од капсулата, а медицинските лица ја проверуваа неговата состојба.

    Рекордот на сите времиња за најдолг престој во вселената го постави рускиот космонаут Валери Полјаков, кој помина повеќе од 14 месеци на вселенската станица Мир, враќајќи се на Земјата во 1995 година.

    Ова беше првиот вселенски лет за Дубров (40), кој беше лансиран до ИСС заедно со Ванде Хеи минатиот април од космодромот Бајконур во Казахстан.

    Шкаплеров, 50, кој ја завршуваше својата смена како најновиот командант на ИСС, е ветеран на четири мисии до орбиталната станица, акумулирајќи вкупно 708 дена во вселената, што е далеку над 523-дневниот биланс на Ванде Хеи во кариерата, според НАСА. Шкаплеров го почна својот најнов престој во вселенската станица минатиот октомври.

    Во вторникот, Шкаплеров му ја предаде командата на вселенската станица на Том Машбурн од НАСА. „Ние сме еден екипаж“, рече Шкаплеров за време на церемонијата, која заврши со прегратки.

    Најавувајќи ги американските економски санкции против владата на рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари, американскиот претседател Џо Бајден нареди високотехнолошки извозни ограничувања против Русија за кои рече дека се дизајнирани да ја „деградираат“ нејзината воздушна индустрија, вклучително и нејзината вселенска програма.

    Рогозин во серија објави на Твитер навести дека санкциите на САД може да ја „уништат“ тимската работа на ИСС и да доведат до пад на вселенската станица од орбитата.

    Следната недела, државната руска новинска агенција РИА новости објави фиктивно видео на кое космонаутите се прикажани како му мавтаат на Ванде Хеи пред рускиот модул да се откачи од вселенската станица и да одлета без него, по што следува аплауз од руските официјални лица во контролата на мисијата.

    Во заднината на клипот, кој РИА новости го опиша како „комичен“, се слуша љубовната балада на руски јазик „Збогум“, од рускиот пејач Лев Лешченко.

    Речиси во исто време Рогозин објави дека Русија ќе престане да ги снабдува или сервисира ракетните мотори од руско производство што ги користат два американски воздухопловни снабдувачи на НАСА, сугерирајќи дека американските астронаути би можеле да користат „метли“ за да стигнат до орбитата.

    НАСА, од своја страна, рече дека американските и руските членови на екипажот на ИСС се добро запознаени со настаните на Земјата, но работеле професионално заедно без тензии.

    Тричлениот повратнички екипаж од ИСС беше заменет на вселенската станица со тројца космонаути, кои полетаа во орбитата на 18 март, придружувајќи им се на тројцата преостанати американски колеги на Ванде Хеи и германскиот астронаут од Европската вселенска агенција.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img