„Подобро да седите на некоја маса, отколку да бидете сервирани на неа“ – изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ во Тирана на прашање за неколкудневната неизвесност дали ќе присуствува на Самитот ЕУ- Западен Балкан, кој се одржува денеска во главниот град на Албанија.
– Важно е, не само поради пријателството со Албанија и Отворен Балкан, туку затоа што секогаш е подобро да сте на масата, зашто ако не сте на масата тогаш обично сте мени на таа маса. Ова е добра можност да ги чувате интересите на Србија – изјави Вучиќ.
Тој изјави дека Србија останува посветена на процесот на дијалог со Приштина и на процесот на европска интеграција, во исто време штитејќи ги своите национални и државни интереси. Тој кажа дека дошол да го објасни ставот на Србија и да го слушне ставот на лидерите на ЕУ.
– Јас сум реалист, тука сум да научам многу од луѓето од ЕУ, да ги слушам и конечно да ја објаснам позицијата на Србија – рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека Србија е свесна за обврските да ги усогласи своите одлуки со одлуките на Европската Унија, но нагласи дека територијалниот интегритет на Србија бил прекршен „на најлош можен начин во 1999 и 2008 година” и дека и за тоа ќе разговара со претставниците на ЕУ.
На новинарско прашање да ги коментира критиките дека Србија е премногу блиска до Русија, Вучиќ рече дека Србија е независна земја на европскиот пат и така ќе остане.
– Верувам дека сите прочитавте, а некои и напишаа, дека Србија во последните осум, девет месеци се подготвува, по инструкции на Руската Федерација, да нападне други земји на Балканот, да предизвика нестабилност и неизвесност. Ние тоа го демантиравме, не со изјави и декларации, туку со дела – рече српскиот претседател.
Специјалниот пратеник на Европската Унија во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави денеска дека очекува преговорите за целосна нормализација на односите меѓу двете држави да почнат во наредните неколку недели.
Во обраќање пред новинарите по денешната средба во Приштина со косовскиот премиер Албин Курти, Лајчак рече дека „нема брзање”, но треба да се искористи „позитивниот момент” за да се почнат дискусиите за целосна нормализација на односите. Тој додаде дека Брисел очекува средба на Курти со Вучиќ во наредните неколку недели.