Бразилскиот фудбалски стручњак Силвио Мендес Кампос Јуниор, попознат како Силвињо (48), е избран за нов селектор на албанската фудбалска репрезентација, соопшти Албанската фудбалска федерација (ФСХФ).
Силвињо потпиша договор на 18 месеци, а на кормилото на албанскиот тим ќе го наследи Италијанецот Едоардо Реја, кој за својот тригодишен мандат не успеа да го одведе тимот на ниту еден голем турнир.
Имаме голема желба да завршиме добра работа, да донесеме позитивни резултати и да ја водиме албанската репрезентација до местото што и припаѓа“, изјави Силвињо, кој неодамна беше тренер на Коринтијанс. Неговата прва тренерска работа беше во Лион, но тој беше отпуштен во октомври 2019 година по само шест месеци.
Во текот на својата играчка кариера настапуваше за Коринтијанс, Арсенал, Селта, Барселона и Манчестер Сити, додека за бразилската репрезентација забележа шест настапи.
Во квалификациите за ЕП 2024, Албанија ќе игра во група со Полска, Чешка, Молдавија и Фарски Острови.
Знаеме дека се работи за многу избалансирана и комплицирана група, а целта ни е да се пласираме на ЕВРО“, изјави Силвињо, кому ќе му помагаат Бразилката Дорива и Аргентинецот Пабло Забалета.
Албанија досега има учествувано само на едно големо натпреварување, ЕП 2016 година во Франција, каде го освои третото место во групата зад Франција и Швајцарија, а пред Романија.