Раководството на Академија Пандев не ја прифати оставката која по серијата лоши резултати вчера ја понуди тренерот на струмичкиот прволигаш Ѓорге Стојчев.
„На денешниот состанок на Управниот Одбор на клубот беше разгледана понудената оставка од страна на шефот на стручниот штаб на сениорскиот тим Ѓорге Стојчев и сакаме да ја информираме јавноста дека истата не е прифатена“, соопшти попладнево Академија Пандев.
Стојчев седна на клупата на прволигашот од Струмица во јануари годинава, а понуди оставка по резултатската криза на последните два натпревари и освоениот само бод од дуелите со Скопје и Борец
„Управниот Одбор, сите вработени, како и сите кои на каков било начин се поврзани со клубот целосно ја даваат поддршката на тренерот Ѓорге Стојчев, а убедени сме дека резултатската криза ќе се надмине веќе во наредните натпревари. Решението за назначување на Стојчев за тренер на сениорскиот тим не е случајно и го сметаме за најважна алка во градењето на тимот во иднина“, се наведува во клупското соопштение.