АД ЕСМ и Синдикалната организација во компанијата потпишаа нов колективен договор со кој се унапредуваат и подобруваат условите за работа, како и правата на вработените.
Како што соопштија од ЕСМ, новиот колективен договор предвидува прецизирање на минималната плата согласно новите законски измени, утврдување на исплата на 2 додатока за работа во недела согласно новите законски одредби, дополнителни исплати за вработените во случаи на работни обврски надвор од утврдените со работното место, особено за работа во стручни комисии за инвестициски и други проекти, унапредување на родовата еднаквост во однос на одредени прашања поврзани со солидарната помош, унапредена е можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените особено во профили кои во иднина ќе бидат повеќе потребни во производниот процес, односно кадри за работа во капацитети од обновливи извори на енергија, потоа олеснување на можноста за изведување на ученичка и студентска практична работа во електраните на АД ЕСМ итн.
Дополнително, во договор и со поддршка на Синдикатот, беше донесена одлука да им се овозможи на вработените самоиницијативно да се пријавуваат за неплатен одмор во траење до 2 месеца во период на траење на енергетската криза, за профили кои не се клучно неопходни за производниот процес, со цел да се намалат трошоците во криза.
– АД ЕСМ и натаму останува отворен за соработка во делот на синдикалното организирање и можностите за унапредување на условите за работа. Менаџментот смета дека целта на колективните договори не е само да ја подобрат финансиската состојба на вработените, туку и да имаат позитивен ефект врз колективната атмосфера во друштвото, вреднувајќи го трудот и залагањето на секој поединец кој ги извршува своите работни задачи совесно и одговорно – велат од ЕСМ.
Новиот колективен договор е резултат на преговори меѓу менаџментот на АД ЕСМ и единствениот репрезентативен синдикат на вработените, а со поддршка на ССМ и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Договорот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски и претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ Јове Смилевски.