АД ЕСМ за првите 5 месеци од годинава има исполнување од 98 отсто на планот за производство за овој период од 2022 година, реагира компанијата на изјавеното во текстот во кој се вели дека компанијата нема да може да произведе ниту 50 отсто од потребите на домаќинствата до крајот на годината, поради состојбите во термоелктраните и неповолната хидролошка состојба.
„Поради енергетската криза, планот за 2022 година е за 20 отсто поголем од вообичаените проекции, што јасно зборува дека АД ЕСМ произведува доволно електрична енергија и дека не станува збор за план за потпирање врз никаква набавка. И покрај задолжението од Владата на РС Македонија за 100 отсто испорака на електрична енергија кон ЕВН Хоумe и за снабдување за техничките загуби во системот на ЕВН Електродиструбуција и МЕПСО, планот и испораката на електрична енергија од АД ЕСМ се одвиваат на максимално и стабилно ниво“ се вели во реакццијата од ЕСМ.
Во реакцијата понатаму се додава дека експертите консултирани од страна на порталот немаат точни информации.
„Според изнесеното во текстот, т.н. експерти кои ги наведува Плусинфо очигледно немаат сознанија и познавања за актуелната состојба во енергетиката, што говори за дискутабилноста на нивниот кредибилитет за јавно споделување ставови, како и за оправданоста на релевантен медиум истите да ги користи. Исто така, изразуваме реакција што АД ЕСМ воопшто не доби можност да даде свои податоци пред текстот да биде објавен, што ќе дадеше сосема поинаква слика од таа која Вашата редакција ја прикажа преку предметниот текст“, се додава во реакцијата на ЕСМ.