Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги охрабрува граѓаните секоја недоследност во однос на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, но и лично или на info@fva.gov.mk.
Во првите шест месеци од годинава, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 22.564 надзори, при што утврдиле 1.072 недоследности за кои се изречени соодветни мерки. Како небезбедни, од страна на инспекторите и операторите се уништени околу 54 тони храна, најголем дел или 53.070 килограми храна од животинско потекло. Биле поднесени вкупно 72 претставки за безбедност на храната од кои 12 за променети органолептички својства кај млечни и сувомесни производи, 10 со наводи за присуство на контаминенти, 10 за сомнеж во безбедноста на производите и осум за сомнеж за труење со храна.
Податоците на Институтот за јавно здравје, со кои располага АХВ, покажуваат дека досега е евидентиран само еден случај на труење со храна, неодамна, во фабриката „Кромберт“ во Битола. Во 2021 година беа пријавени две труења, а во 2020 имаше само еден случај. Во 2019 година евидентирани биле три инциденти, а во 2018 година вкупно осума.
Директорот на АХВ Николче Бабовски вели дека безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот, почнувајќи од државата и институциите, операторите со храна, но и на потрошувачите.
– Со контролите се опфатени сите туристички центри, вклучително и планинските. Официјалните ветеринари и инспекторите вршат надзор на хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети и други оператори со храна, каде во овој временски период има зголемена фреквенција на туристи – нагласува директорот Бабовски.