Кина денеска соопшти дека потпишала сеопфатен безбедносен договор со Соломонските Острови, во време кога Западот предводен од САД е сѐ позагрижен за воените амбиции на Пекинг во Тихиот Океан.
Островската држава во јужниот дел на Пацификот кон крајот на минатата година беше зафатена од немири предизвикани од незадоволството кај дел од населението поради зголеменото влијание на Кина, при што беа опожарувани и вандализирани дел од продавниците во кинескиот кварт во главниот град Хониари. На барање на властите на Соломонските Острови Пекинг распореди свои трупи во Архипелагот.
Од испраќањето свои полициски инструктори за справување со немирите Кина се обидува да ја зајакне својата улога во архипелагот долг 1.500 километри.
Минатиот месец беа објавени поединости од нацрт-договорот меѓу Пекинг и Хониари, за можно распоредување полициски и поморски сили во архипелагот, што ги вознемири австралиските власти.
Канбера и Вашингтон споделуваат загриженост дека Кина би можела да изгради база во Јужниот дел на Тихиот Океан, што значи проширување на зоната на оперативност на својата поморска флота надвор од постоечките граници.