Во неделата попладне американската армија урна и четврти објект. По падот на балон над источниот брег на САД на 4 февруари, за кој беше потврдено дека е кинески, во изминатите три дена паднаа дури три неидентификувани објекти – еден над Алјаска, друг над Канада, а последниот еден над езерото Хурон долж границата со Канада.
Прашањето што се појави е како да се набљудуваат толку многу непознати објекти во воздушниот простор над Северна Америка одеднаш. Според CNN, се чини дека одговорот е технички.
Имено, американската разузнавачка служба дури минатата година развила метод за следење на кинеската флота на балони за надзор, дознава Си-Ен-Ен од шестмина запознаени со работата.
Откритијата направени од американското разузнавање им овозможија на САД да развијат, за прв пат, конзистентен технички метод што се користи за следење на балоните во речиси реално време ширум светот, велат изворите.
Откритието дека разузнавачката заедница дури минатата година развила сигурен начин за следење на кинеската флота со балони, за која властите сега велат дека летала десетици мисии низ светот, исто така објаснува зошто претставниците на администрацијата на Трамп цврсто тврдат дека не биле свесни за трите наводни летови над Територијата на САД – и во времето кога поранешниот претседател беше на функција.
Со други зборови, постои можност странските објекти во американскиот воздушен простор да не се нов феномен, туку тие сега да имаат можност да ги детектираат и следат.
Како што јави во неделата Наташа Бертранд од Си-Ен-Ен, заедничката американско-канадска команда НОРАД неодамна ги преправила своите филтри, односно ги подобрила радарите за подобро да ги забележат бавните цели кои се на одредена височина.