„Во име на Бога, овој човек не може да остане на власт“, рече американскиот претседател Џо Бајден во саботата во говорот во полскиот главен град Варшава, мислејќи на неговиот руски колега Владимир Путин.
После тоа, набрзо реагираше и Белата куќа, додавајќи дека претседателот Џо Бајден не повикува на промена на режимот, туку напротив посочи дека на Путин не му е дозволено да употреби сила против соседните земји.
Според Би-Би-Си, ова очигледно бил обид да се повлече кажаното, односно да се ублажи поради загриженоста дека оваа изјава може да го стави Путин под уште поголем притисок и со тоа да го направи уште потежок соговорник.
Со оглед на тоа дека тој е на чело на земја чии воени операции се во тек, а во исто време има и нуклеарен арсенал, Американците не сакаат да го турнат Путин во ќош.
Директното повикување на промена на режимот може да предизвика нестабилност и да ја зголеми непредвидливоста, а последното нешто што секој сака во овие околности е непредвидливоста.