Светската организација за храна ФАО објави – на месечно и на годишно ниво индексот на цените на храната е во пад. Сепак, кај дел од основните производи и суровини за преработка и натаму има поскапување, конкретно цените на шеќерот, месото, се во пораст, пишува Порталб.мк.
И натаму се очекува пад на цените во 2024 година, се наведува во новата економска оценка на Народната Банка.
Инфлацискиот притисок „попушта“. Новите мерења на ФАО покажуваат забавување на ценовниот раст, кај одредени прехранбени производи дури и намалување на индексот на цените и на годишно и на месечно ниво. Единствено цените на шеќерот се во пораст и на месечно и на годишно ниво. Движењата на цените на основните прехранбени производи и суровини на светските берзи и пазари го одредуваат курсот на движење и на цените кај нас, меѓу другото, и поради големата увозна зависност на земјава во прехранбениот и преработувачко-кондиторскиот сектор.
Според новите податоци од ФАО, во февруари во однос на јануари индексот на цените на храната е намален за 0,7% додека на годишно ниво падот е за 10,5%.
Конкретно, индексот на цените на житарките на месечно ниво е намален за 5% додека во однос на лани истиот период падот изнесува 22,4%.
„Меѓународните цени на сите главни житни култури се намалуваат од месец во месец. Главен фактор се очекувањата за големи жетви во Аргентина и Бразил, заедно со конкурентните цени понудени од Украина, која сака да го искористи непреченото одвивање на поморската трговска рута. Се намалија и светските цени на јачменот и на оризот“, се наведува во новата анализа на ФАО.
И цените на растителното масло за јадење се во пад – на месечно ниво се намалени за 1,3% а на годишно за дури 11%. Но, тренд на ценовен раст има кај останатите прехранбени производи и суровини. Конкретно во јануари во споредба со февруари индексот на цените на млечните производи е зголемен за 1,1% но во однос на истиот период лани има пад за 13,4%.
„Во февруари, најмногу се зголемија светските цени на путерот. Цените на полномасното млеко во прав продолжија да растат, иако бавно, главно поради зголемената побарувачка за увоз, особено од Кина. Цените на сирењето се зголемија минимално“, се наведува во Извештајот на ФАО.
Во февруари во однос на јануари годинава цените на местото се зголемиле за 1,8% додека во однос на февруари лани падот е за 0,8%. Цената на шеќерот е зголемена и на месечно ниво, за 3,2%, и на годишно, за 12,5%.
„Во февруари 2024 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 3%. И натаму се очекува пад на цените во 2024 година“, оценува Народната банка во новиот економски извештај.
Домашната статистика веќе регистрираше дека во февруари годинава во однос на јануари лани инфлацијата изнесувала само 0,4% но сепак трошоците за храна и пијалаци во однос на јануари се зголемиле за 0,5% додека во однос на февруари 2023 година за 1,5%.
Според оценките дадени во анкетите што ги направила НБМ, следува период на ценовна стабилизација, но сепак под ризик на неколку фактори.
„Цените на примарните производи на берзите и натаму се приспособуваат надолно, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани. Сепак, сè уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи
Од 1-ви март престана да важи мерката „гарантираните“ цени на основните прехранбени производи поради што се очекуваше нов ценовен удар но трговците одлучија да не посегнат по поголеми ценовни корекции во услови кога потрошувачката е воздржана а граѓаните пазарат селективно.