Финансиската криза во Пензискиот фонд со години го празни државниот буџет, поради што Фискалниот совет ѝ препорача на власта да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 години за жените и 64 години за мажите на 67 години и за мажите и за жените. Промената треба да стапи на сила од 2026 година.
Академикот Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалнот совет вели дека во Фискалната стратегија 2025-2029 предложиле таква мерка, но одлуката треба да ја донесе Законодавецот. Најверојатно во текот на следната година стратегијата уште еднаш ќе биде разгледана пред да биде усвоена. Според бројките, моментно од 5 исплатени пензии 3 се финансираат од Фондот за пензиско осигурување, а 2 од државниот буџет и тоа е неодржливо.
Иницијативата, како што објаснува Беџети, се базира на два предлози. Првиот е постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 проценти во 2026 година, а во 2027 година да изнесуваат 21%.
– По Косово, ние имаме најниска стапка за пензиско осигирување во Западен Балкан – вели академикот Беџети за Дојче веле.
Втората мерка за која се залагаат да се подигне старосната граница за пензионирање на 67 години за мажите и за жените.
– Ова еден ден ќе биде побарано како услов за усогласување во фискалната конвергенција со земјите членки на ЕУ. Така што, кога-тогаш, тоа ќе дојде. Ние сме должни експертски да ги дадеме овие предлози до Собранието. Дали и кога тоа ќе биде прифатено, и дали ќе има волја за тоа – зависи од нив – вели Беџети.
Во врска со тоа зошто и жените и мажите да се пензионираат на иста возраст, на 67 години, академикот вели овој предлог се темели врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението. Просечниот век на живеење во Македонија е во пораст и тоа е светски тренд, а жените во просек се подолговечни од мажите.
– Денес во просек пензијата се користи 8 до 10 години, што не било случај до пред петнаесетина години. Тоа е голем товар. Но, од новата возрасна граница можат да бидат исклучок одредени сектори, каде што природата на работата е тешка, како градежништво, рударството и слично, но не и другите – вели Беџети.