На почетокот на март годинава беше објавено дека легендарниот Мајк Тајсон ќе се соочи со инфлуенсерот и боксерот Џејк Пол на 20 јули во рингот на стадионот „АТТ и Т“ во Арлингтон, Тексас.
Борбата меѓу 27-годишниот Пол и 57-годишниот поранешен светски шампион во бокс ќе се емитува на платформата Нетфликс.
Мајк Тајсон (Железниот Мајк) е пензиониран американски боксер, познат како поранешен шампион во тешка категорија и важи за еден од најдобрите боксери во историјата, но и за еден од најконтроверзните атлети во светот. Како млад бил во разни банди, а подоцна и одлежал затвор што било значаен удар на неговата кариера.
По излегувањето од затвор во 1995 година, Тајсон ја вратил титулата во тешка категорија, но во 1997 година повторно ја загубил титулата во борбата против Ивандер Холифилд, со технички нокаут во 11-та рунда. Нивната втора борба имала неверојатен крај, бидејќи Тајсон бил дисквалификуван поради гризнување на дел од увото на Холифилд. Тајсон повторно се борел за светската титула во 2002 година, на 35 годишна возраст, но тогаш загубил од Ленокс Луис. Тајсон конечно се повлекол од професионалниот бокс во 2005 година, по 2 последователни пораза со нокаут од Дени Вилијамс и од Кевин Мекбрајд.
Џејк Пол стана ѕвезда во професионалното боксување иако првенствено беше познат како инфлуенсер, а досега има 9 победи и само еден пораз. Тој ги предизвика и победи поранешни и сегашни славни борци како Андерсон Силва и Нејт Дијаз, а предизвикува и други, меѓу кои е и Мајк Тајсон.
Брат му Логан Пол кој е кечер и прави Јутјуб видеа со хумористична содржина на неговиот поткаст „Имполсив“ рече дека и тој добил понуда да се бори со Мајк Тајсон, но сметал дека Тајсон е стар и сенилен, па ја одбил понудата.
Мислењата на фановите се поделени. Едни сметаат дека Мајк Тајсон сѐ уште има мускулна меморија и е многу нивоа посупериорен од Џејк Пол, па лесно ќе го победи. Други, пак, мислат дека Џејк Пол е помлад од „Железниот Мајк“ и поподготвен, па лесно ќе го победи.
Сѐ уште не е јасно каква точно ќе биде регулативата и колку рунди ќе се борат двајцата.
Тајсон објави видео во кое тренира со експертот Рафаел Кордеиро и напиша: „Прв ден е, забавата штотуку започна“.