Ако сака државата да го зголеми земјоделското производство и да ги врати земјоделците на нивите ќе треба да обезбеди услови за формирање откупна цена на производите која ќе обезбеди покривање на трошоците за производство, но и атрактивна дополнителна добивка, велат од земјоделските здруженија.
Тие предлагаат заедно со преработувачите да ги договорат количините кои треба да ги произведат и продадат. Искуството на производителите на тутун, велат тие, може да се користи и за другите култури.
Земјоделците се незадоволни од сегашната практика, според која најчесто откупната цена во земјоделството е пониска и од производната што влијае од година во година да се намалува интересот за земјоделско производство, иако државата планира да го зголеми.
– Државата ќе мора, заедно со земјоделците, да утврди некаков процент на разлика од производната до откупната цена на производот за да овозможи производството и во земјоделството да биде исплатливо, а оние кои се занимаваат со вакво производство да можат да сметаат дека ќе можат да живеат од продаденото. Наш предлог е откупната цена (продажната цена) на производот да биде најмалку 20 отсто повисока од производната. Министерството за земјоделство заедно со земјоделските здруженија може да направи пресметки со кои ќе покаже која е производната цена на секој земјоделски производ за секоја година, и да утврди процент на заработка на земјоделците со што ќе придонесе да нема непотребни осцилации на цените и во земјоделството, посебно кај стратешките култури – вели Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци.
Според него, со тоа земјоделецот ќе биде сигурен дека од она што го произвел ќе може и да живее.
– Притоа од голема важност е да заживее комуникацијата меѓу земјоделците и преработувачката индустрија и откупувачите, што ќе придонесе за планирање на производството и сигурниот пласман и цена на производот, односно да се воспостави договорен однос земјоделец-преработувач, односно откупувач. Можеме да го користиме и начинот на договор како што тоа се прави со тутунот, каде што цената се утврдува според одреден квалитет и класификација. Но, велам, сè може да се направи, ако имаме многу подобра комуникација меѓу производителите и преработувачите, како и Министерството за земјоделство кое треба да го помогне овој процес со цел да се зголеми производството и да се обезбеди поголема сигурност на земјоделците – вели Велков.
Слично размислуваат и во Асоцијацијата на земјоделски производители, каде сметаат дека и интервентниот земјоделски фонд треба целосно да заживее и во дадени моменти да ги покрие штетите кои ги имаат земјоделците, не само од разликата на производната и откупната цена, туку и од климатските промени и девијантните појави на пазарот кои се на штета на земјоделците.
– Добро е да се има некаква гаранција за тоа дека откупната цена не може да се утврдува под производната и процентуална заработка од 20 отсто. Тоа ќе го подобри интересот на земјоделците за зголемено производство, но треба да се размислува и за интервентни мерки со кои ќе се покриваат штетите, кога условите за производство се лоши. Проблем за земјоделците се и годините кога, поради временските услови и квалитетот на производот како и конкуренцијата, откупната цена се случува да биде под производната цена, бидејќи пазарот така реагира. Тогаш земјоделецот е во загуба и тешко може да размислува за зголемување на производството. Ва таквите ситуации ќе треба од Интервентниот фонд да се реагира и да им се покрие загубата на земјоделците – вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделски производители.
Од земјоделските асоцијации очекуваат во еден ваков процес на планирање на земјодлеското производство и неговата цена да се вклучат и преработувачите, откупувачите и Министерството за земјоделство.
– Во секој производен сектор има формирано производна цена од која не се отстапува при формирањето на пазарната цена. Само во земјоделството ова економска логика не функционира. Видовме дека и владата не посегна по производната цена на компаниите кога ја замрзна цената на лебот. Пресметките покажаа дека и со замрзнатата цена компаниите би имале приход. Во земјоделското производство тоа не функционира така и време е да се промени – вели Велков.