Ако државата сака да ги поттикне земјоделците да произведуваат поголеми количини пченица, треба да обезбеди интервентен откуп на пченицата од ланската реколта која остана во амбарите на земјоделците, велат земјоделците, опозицијата и економисти.
Досега нема реакција на Владата по ова прашање иако Mинистерството за земјоделство веќе e информирано за проблемот.
Земјоделците деновиве алармираа дека во нивните амбари останаа неоткупени меѓу 6.000 и 8.000 тони пченица од ланската реколта и побараа владата да најде решение на проблемот преку откупи за стоковите резерви.
– Упатуваме апел до мелничарите во Македонија и до надлежните институции во државата, да се откупи пченицата од овие луѓе кои сè уште ја чуваат, а не да се увезува од Србија, како што имаме непотврдени информации. Ова е вистинското време и што поскоро да се реагира зашто во тек се прихраните на новиот род, а и доцни втората прихрана, а на луѓето им се потребни средства. Производителите сега не бараат многу. Бараат цена, барем да се покријат производните трошоци и трошоците за складирање. Тоа е околу 22 денари за килограм – изјави земјоделец од Прилепско.
И Здружението на фармери деновиве побара државата да ги откупи останатите количини пченица за стоковите резерви, со што ќе ги стимулира земјоделците и натаму да ја произведуваат. Побараа и пазарот да биде независен од увозот.
Од Здружението на мелничари, пак, веќе кажаа дека работат со намален интензитет и со скапи репроматеријали и немаат пари да платат нов откуп или увоз на пченица.
– Не можеме да бараме нови кредити кај банките за да платиме нов увоз или откуп. Работиме со скапи резерви на пченица. Лани ја плативме пченицата по 23 денари за килограм, цена по која сега се увезува српското брашно. Тоа значи дека ние брашното го продаваме по дисконтна цена и трпиме загуби. Дневно секоја мелница, ако произведува брашно, произведува и загуба од 2 до 3 милиони денари. Затоа и неколкуте мелници кои останаа на пазарот веќе размислуваат да го намалат производството и не знаат што да прават со вработените, бидејќи за нив треба да се обезбедат плати – изјави неодамна за Плусинфо Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Поранешниот дополнителен заменик министер за земјоделство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски вели дека е реално тоа што земјоделците очекувале повисока цена на пченицата, бидејќи ланската реколта била откупена за 18 денари што е под производната цена.
– Лани имавме пораст на сите трошоци поврзани со производството на пченица. Поскапе семенскиот материјал, ѓубривата и сè друго, но производството се откупи по цена од 18 денари за килограм што беше под производната цена. Земјоделците кои имаа услови за складирање на пченицата, а кои не се согласуваа да ја продадат по цена таа откупна цена ја зачуваа очекувајќи дека на крајот на годината ќе ја продадат по повисока цена, но светската цена на пченицата и регионалните производители ја намалија цената и сега и на сопствена штета тие бараат да ја продадат. Тоа треба да им се овозможи бидејќи се работи за сериозна количина пченица, а наједноставен начин е преку интервентен откуп за државни потреби. На таков начин земјоделците ќе се ослободат од количините, а државата ќе обезбеди стокови резерви по поевтина цена. Ова го предложив неколку пати досега, но интересирањата на владата веројатно се поинакви и затоа нема реакција – вели Трипуновски.
Според него, нејасно е зошто стоковите резерви се полнеа со српска стара пченица од државни резерви по висока цена од 27 денари по килограм, наместо да се откупи македонската пченица произведена лани по цена од 18 денари.
Економистот Марјанчо Николов смета дека владата мора да најде решение на проблемот и да овозможи да се откупат произведените количини пченица.
– Верувам дека владата и овој пат ќе најде решение за проблемот и нема да ги остави земјоделците, а за во иднина ќе најдат начини вакви состојби да не се повторуваат, бидејќи војната во Украина, ги стави на тест сите држави и ги откри слабостите на политиките кои се водат во одредени сектори. Земјоделството е еден од секторите каде што на среден и долг рок мора да се направат промени кои ќе придонесат да се заштити домашното производство и стратешки да се планира. Партнерските односи меѓу земјоделците и компаниите треба да се востановат и да се почитуваат, бидејќи во одредени години може да има потреба земјоделците да имаат потреба од помош поради загуби од климатските услови, а во некои години ќе треба токму тие да придонесат да се реализираат политиките на државата во прилог на граѓаните – вели Николов.
Според него, треба да се донесе оптимална земјоделска стратегија која ќе го заштити сопственото производство и ќе овозможи зголемување на производството.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски не ветува решавање на проблемот, но одговорноста за состојбата ја префрли кај Агенцијата за стокови резерви и кај земјоделците кои калкулирале со продажбата на житото бидејќи, како што рече, Министерството ја завршило својата работа.
– Ние сме единствена земја во регионот која за зголемува мотивираноста. Минатата година воведовме интервентен фонд токму на барање на земјоделците, побараа 30%, ние одлучивме да доделиме 40% субвенции на 12 000 производители на жито во делот на производството на пченица, пченка и останатите важни стратешки култури пред да започне војната во Украина. Тоа резултира со мотивирани земјоделци, зголемено производство. Оваа година имаме зголемени пријавени површини, зголемено производство, значи намален увоз на овие култури, иако сме увозно зависна земја. Постигнавме рекордна цена минатата година во жетвата и земјоделците се задоволни затоа што историски највисока цена се постигна минатата година токму со поддршката и за набавка на вештачко ѓубриво и со сите други интервентни мерки кои единствени ги воведовме во регионот. Зошто земјоделците не ја давале минатата година кога се откупуваше за 24 денари тоа е друго прашање – изјави Николоски.