Земјава ќе се задолжи кај Европската Унија со заем во износ од 535 милиони евра наменет за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Дополнително земјава добива и грант во износ од 215,3 милиони евра или вкупно како што е предвидено 750 милиони евра за спроведување на реформската агенда за периодот 2024-2027 година.
Предлог законот за ова задолжување е веќе доставен во Собранието и се предлага да биде донесен по скратена постапка.
Кредитот, како што е наведено во предлог законот, ќе се отплаќа 40 години со грејс период од 10 години. Отплатата на износот на главницата од повлечените средства започнува од 2034 година и се распределува рамномерно на еднакви отплати во текот на преостанатиот период на доспевање на повлечените средства.
Парите за отплата на кредитот ќе се обезбедуваат од државната каса.
Според она што е предложено во Законот за заемот парите ќе се повлекуваат на рати во една или во повеќе транши. Последното Барање за повлекување на средства од заемот може да се поднесе до 30 септември 2027 година.
За секоја исплата на рата или транша од заемот Европската комисија ќе издаде Потврда за прифаќање, во која ќе бидат утврдени конечните услови, меѓу кои се: износ на главница, нето-износ на исплата, датум на исплата, датум на доспевање, датуми на плаќање камата, прв датум на плаќање камата, датуми на доспевање и каматен период.
Планирано е повеќе од 349 милиони евра од заемот да се потрошат за буџетска поддршка. Останатите 186 милиони евра од заемот и 215,3 милиони грант ќе бидат наменети за инвестициски проекти. Најмалку 3% од грантот ќе бидат наменети за климатски цели.
Условите и начинот на користење на заемот ќе бидат утврдени со Договор за заем за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, кој ќе се склучи меѓу земјава и Европската Унија, а од македонска страна ќе го потпишат министерката за финансии и гувернерката на Народна банка.
Овие пари се дел од предвидените 6 милијарди евра кои Европската унија ги предвиде за реализација на Планот за Западен Балкан.
Реформската агенда се однесува на периодот 2024-2027 година и се заснова на ревидираната методологија на Европската Унија.
Основната цел на Реформската агенда на Северна Македонија е засилено спроведување на реформите преку забрзување на усогласувањето со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на јавниот сектор на Унијата, обезбедување на негово транспарентно управување, развој на конкурентна и зелена економија и поддршка на процесот на пристапување со поглед на идното членство во Унијата.
Законот во Собранието е пристигнат на 24 декември и се очекува да се најде на расправа на првата пленарна седница.