Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека контактирал со кинеското раководство и побарал од нив да не и даваат никаква поддршка на Русија во нејзината војна против Украина, јавува Анадолија.
„Се надевам дека владата во Пекинг ќе одржи прагматичен став, во спротивно ризикуваме трета светска војна – сите сме свесни за тоа“, изјави Зеленски во интервју за италијанскиот дневен весник „ла Република“.
Тој додаде дека Украина отсекогаш имала одлични односи со Кина и во интерес на сите е тие да не се влошат.
Иако Кина се смета за меѓу клучните поддржувачи на Русија, таа сè уште не обезбеди воена поддршка за Москва. Меѓутоа, САД тврдат дека Кина наскоро може да испорача оружје.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во неделата за Си-Би-Ес зборуваше за информациите дека Кина размислува да обезбеди смртоносна поддршка за Русија.
На прашањето што мисли, Блинкен одговори:
„Оружје, првенствено оружје“.
Зеленски го критикуваше францускиот претседател Емануел Макрон дека постојано бара разговори со Русија.
„Тоа ќе биде неуспешен дијалог. Всушност, Макрон си го губи времето. Заклучив дека не можеме да го промениме ставот на Русија“, рече Зеленски.