„Со (она што го имаме) можеме да одиме напред и да бидеме успешни. Но, ние би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Значи, треба да почекаме. Ни треба уште малку време“.
Вака во интервју за Би-Би-Си изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој потсетува дека Украина уште го чека ветеното оружје од Западот.
Тој ги опиша украинските борбени бригади како „подготвени“, но рече дека на армијата ѝ требаат „некои работи“, вклучително и оклопни возила кои „пристигнуваат во групи“.
Кога и каде ќе се случи украинската офанзива останува тајна, пишува Би-Би-Си. Во меѓувреме, Русите ја зајакнаа својата одбрана долж линијата на фронтот долга 1.450 километри која се протега од источните региони Луганск и Доњецк до Запорожје и Херсон на југ.
Киев е под притисок да успее во офанзивата. „Секој резултат кој Западот ќе го смета за разочарувачки може да значи намалување на воената поддршка и притисок за преговори со Русија“, се вели во написот.
Според Зеленски, Русија се надева на „замрзнат конфликт“.
– Секој ќе има своја идеја (за преговорите). Но, тие не можат да извршат притисок врз Украина да ги предаде териториите. Зошто која било земја во светот треба да му даде на Путин своја територија?
Зеленски ги отфрли стравувањата за губење на поддршката од САД доколку претседателот Џо Бајден, кој вети дека ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно, не биде реизбран за претседател во 2024 година.
Украина, рече тој, сè уште ужива двопартиска поддршка во американскиот Конгрес.
– Кој знае каде ќе бидеме (кога ќе се случат изборите)? Верувам дека дотогаш ќе победиме – вели Зеленски.
Украинскиот претседател смета дека засега нема реална можност за разговори за прекин на конфликтот, бидејќи двете страни велат дека ќе се борат до победа.
Претседателот Зеленски понуди мировен предлог од 10 точки, повикувајќи на враќање на целата нападната територија, исплата на репарација за штетите поврзани со војната и создавање на специјален суд за гонење на руските воени злосторства, план што Москва категорично го отфрли.
Зеленски повторно го отфрли руското обвинување дека Украина стои зад наводниот напад со беспилотно летало врз Кремљ минатата недела, кој беше опишан од Москва како обид за атентат на претседателот Путин.
Украинскиот лидер рече дека верува оти очигледниот напад би можел да биде операција со лажно знаме, извршена од самата Русија, и дека тврдењето се користи како „изговор“ од Москва за напад на неговата земја.
– Тие постојано бараат нешто да звучи како оправдување, велејќи: „Вие ни го правите ова, па ние ви го правиме тоа. Но, тоа не функционираше. Дури и за нивната домашна јавност, тоа не функционираше. Дури и нивните пропагандисти не веруваа во тоа. Затоа што изгледаше многу, многу вештачко – подвлекува Зеленски.
На прашањето што мисли за фактот дека Евровизија годинава се одржува во Ливерпул наместо во Киев поради војната тој вели дека би сакал таа да се одржела во некоја соседна земја „каде нашите луѓе би можеле да патуваат и да бидат блиску“, но дека „главната работа е што натпреварот се одржува“.