Претседателот на Украина, Володимир Зеленски вели дека ситуацијата е неописливо тешка на истокот на земјата, каде што руските сили напредуваат изминатите денови.
– Ситуацијата е многу комплицирана, посебно во некои области во регионите Донбас и Харков, каде што руската армија се обидува да дојде до некаков резултат – кажа Зеленски во редовното обраќање.
Руските сили ги засилија нападите на Севернодонецк вчера откако соопштија дека го зазеле блискиот град Лиман.
– Но, нашата одбрана се држи. Неописливо е тешко таму – додаде Зеленски.
Украинскиот претседател, исто така, кажа дека не верува дека Украина може со воени средства да си ја врати целата територија окупирана од Русија од 2014 година наваму.
– Не верувам дека можеме да си вратиме целата наша територија со воени средства. Ако решиме да одиме по тој пат, ќе загубиме стотици илјади луѓе – рече Зеленски.
Зеленски е убеден дека Украина на крајот ќе ги врати сите загубени територии.