Од јануари 2026 година треба да стартува механизмот за адаптирање на границите на јаглерод (СВАМ) во Европската унија. Обврската за адаптирање кон овој механизам ја има и земјава, но според информациите од институциите кои треба да ги подготват законите, досега речиси ништо не е направено. Дури сега е почнато поинтензивно да се подготвуваат потребните чекори за да се овозможи примена на механизмот. Законот за климатска акција кој го регулира прашањето сè уште е во нацрт иако требаше да биде донесен од крај на оваа година.
Со оваа европска регулатива се опфатени компаниите извозници кои имаат емисии на јаглерод, но и тие кои користат репроматеријали и енергија произведени од енергенси кои испуштаат јаглерод диоксид. Во прв ред се таргетирани производителите на железо, челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, електрична енергија и водород, од трети земји кои извезуваат во земјите на ЕУ. Целта на оваа мерка е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или во трета земја. Механизмот е во комплементарност со системот за тргување со емисии на ЕУ кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за CBAM сертификати.
Од Владата велат дека новината ќе се однесува за компаниите кои извезуваат во Европската Унија и тоа е практично дел од планот за раст на ЕУ. Дополнително се работи на законско решение и модернизација на енергетскиот сектор.
– Нашата држава можеби не се соочува со толкав проблем, поголем проблем, би имале некои соседни држави, чие енергетско портфолио се темели на производство на јаглен. Кога ќе се создадат конкретни услови и ќе треба да се направи оваа давачка, јавноста ќе ја информираме навремено. Како Влада работиме на стабилизирање на енергетскиот сектор, во моментов работиме и на модернизација, нашата цел е да понудиме зелена енергија и компаниите кои се извозници да немаат големи давачки – велат оттаму.
Министерството за енергетика, пак, забележува дека досега речиси ништо не е направено околу усогласувањето со механизмот.
– За жал во изминативе години многу малку се правело за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до 1 јануари 2026 година – велат од Министерството за енергетика.
Оттаму информираат дека се работи на предлог-законот за енергетика, а се предвидуваат и активности од МЕМО и МЕПСО за поврзување на пазарите.
– Треба да следи донесување на соодветни подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кои понатаму треба да се спојат со европските пазари во тековен ден – додаваат од Енергетика.
Во меѓувреме, Министерството за животна средина ќе треба да воведе систем за трговија со емисии, согласно Директивата на ЕУ ЕТС.
– Потребна е и дополнителна администрација за мониторинг, известување и акредитација. За да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, неопходно е градење на административни капацитети, вработување на соодветен кадар во Министерството за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно ќе биде обучен. Откако овој систем ќе биде воспоставен, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок – велат од Енергетика.
Плусинфо не доби одговор од Министерството за животна средина, но од она што досега е изјавено од тоа Министерство се доаѓа до заклучок дека законот за климатска акција кој треба да го регулира прашањето е во работна верзија. Во него (член 80) се предвидува донесување на надоместок за јаглерод диоксид.
– За негово спроведување, потребно е да се донесат и неколку подзаконски прописи. Во рамките на ИПА 3 проектот, кој се очекува да започне кон крајот на годинава, ќе се изработат подзаконските акти за методологијата, форматот, начинот на изработка на мониторинг планови и верификувани годишни извештаи на стакленички гасови за идентификуваните субјекти – изјавија од Министерството за животна средина и просторно планирање за некои медиуми.
Според законот, земјава планира да наплаќа надоместок за емисија на стакленички гасови за секој тон верификуван емитуван јаглероден диоксид од емисиите од согорување со користење на методологија.
„Правните субјекти кои вршат дејност во следниве области: производство на електрична енергија вклучувајќи комбинирани постројки за производство на електрична енергија и топлина, производство на цемент, железо и челик, алуминиум, вештачки ѓубрива, се должни да плаќаат надоместок за емисија на стакленички гасови за секој тон верификуван емитуван јаглероден диоксид од емисиите од согорување со користење на методологија“, пишува во членот 80 од овој закон.
Парите собрани од овој надоместок ќе се користат за финансирање проекти кои ќе придонесат за намалување на емисиите. Подзаконските прописи според планот треба да се донесат во рок од 18 месеци од влегување во сила на законот, а надоместокот да се наплаќа по влегувањето на земјава во ЕУ.
Како ќе изгледа законот кога ќе се донесе сè уште не се знае.
Експерти и компаниите оценуваат дека и земјава треба да воведе ваков механизам за увезената стока, а доколку воведува посебна такса со неа да бидат опфатени сите кои имаат емисии на јаглерод диоксид. Притоа државата ќе треба да ги согледа сопствените интереси и така да дејствува, бидејќи Кјото договорот предвидува ваков данок да плаќаат развиените земји, а ниско развиените земји да ги користат парите од тој данок за инвестиции кои ќе придонесат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Земјава треба да реализира 3 преземени обврски, велат експертите
Експертите посочуваат на три обврски за справување со емисиите на јаглерод диоксид кои земјава треба да ги реализира. Прво треба да усвои систем за максимални емисии и тргување со истите преку систем сличен на ЕУЕТС. Второ треба да ги регулира емисиите во секој сектор (и потсектор) поединечно и трето да воведе данок на јаглерод (надоместок или слично).
Според нив, со оглед дека досега малку е направено, за првите две решенија е потребен подолг период и поголеми инвестиции, а воведувањето данок е најбрзо и наједноставно решение за да се одговори на барањата на ЕУ.
– Кога ќе се земе сето ова предвид, логично е да се започне со данок на CO2, што може веднаш да ги даде посакуваните пазарни сигнали и што овозможува постепено зголемување на износот со цел да се поддржи исполнувањето на целите предвидени во Парискиот договор и поврзани со пристапувањето во ЕУ. Воведувањето на данокот на јаглерод би помогнало да се изгради искуство за цените на јаглерод и ќе даде време за поставување системи и градење капацитети кои се потребни за приклучување на ЕТС во ЕУ – велат тие.
Се препорачува данокот да се наплаќа на почетокот, односно во моментот кога енергенсите влегуваат во економијата. Во повеќето случаи, ова би значело при увоз на енергенсот во земјата. За лигнитот кој се ископува во Македонија, тоа ќе биде местото на ископ. Овој пристап е сличен на сегашниот пристап со акцизните давачки или со еколошката такса и гарантира дека данокот ќе ги покрие сите емисии од енергетиката во целата економија.
Професорот Ристо Цицонков вели дека ако земјава воведе некаков вид такса, данок или надомест во рамки на стартот на механизмот за адаптирање на границите на јаглерод (СВАМ) треба да ги обврзе компаниите да го уплаќаат во нашиот буџет, а собраните пари да се наменат за инвестиции кои ќе влијаат на намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
– Според Кјото климатскиот договор нашата земја како недоволно развиена не е обврзана да плаќа данок на емисии на јаглерод. Него го плаќаат развиените земји кои имаат и најголеми емисии. Парите од овој данок треба да ги инвестираат во ниско развиените и неразвиените земји во инвестиции кои ќе придонесат за намалување на емисиите. Деновиве пак во Баку е донесена начелна одлука да се воведе механизам – трговија со емисии на јаглерод диоксид на глобално ниво. Дали Организацијата на обединетите нации која го води процесот ќе го воведе овој механизам засега не се знае, но ова може да биде повод земјава да бара одлагање на примена на данокот за компаниите – вели Цицонков.
Светска банка, пак, во последниот извештај за земјава предлага да се воведе данок на јаглерод со што би се овозможило прилив на приходната страна на државната каса.
„Воспоставување домашна цена на јаглеродот за да се предвиди наметнување на јаглеродна граница приспособување на извозот во ЕУ почнувајќи од 2026 година и да се поттикне климатската акција. Важноста на цените на јаглеродот е препознаена во владината реформа Стратегија на даночниот систем 2021-2025 година која вклучува оданочување на животната средина како една од нејзините пет приоритетни реформски области. На Работата за моделирање на Светската банка сугерира дека цената на јаглеродот може да се зголеми за околу 1,4 до 1,9% од БДП годишно во дополнителен приход. Овој приход може да ги надомести засегнатите домаќинства и бизниси, помагајќи да се обезбеди правична и правична транзиција“, се наведува во Извештајот.
Како функционира пазарот на емисии?
Трговскиот механизам со емисии на јаглерод диоксид работи на принципот на „ограничи и тргувај“, овозможувајќи со емисиите на јаглерод да се тргува како со артикли. Државите одредуваат граница на вкупната количина на емисија на јаглерод за одредена година, а потоа компаниите добиваат или купуваат квоти за емисии во рамките на таа граница. Компаниите кои се извор на емисии ја плаќаат пазарната цена за да купат доволно емисиски единици за да ги покријат своите емисии. Шеми за тргување со јаглерод постојат од 2021 година во многу земји и региони во светот, кои главно се користат за поттикнување на големите загадувачи да инвестираат во технологии кои го намалуваат јаглерод диоксидот.
Вредноста на емисиите на јаглерод со кои се тргува низ светот во 2023 година достигна рекордни 881 милијарди евра или речиси 949 милијарди долари, покажуваат податоците на „LSEG“. Податоците покажуваат дека нема значителна промена во однос на количините на истргуваните емисии – околу 12,5 милијарди тони, но поради рекордните цени во Европа и во Северна Америка приходите се зголемуваат. Само преку шемата за трговија во ЕУ – ЕТС се тргуваше со сертификати за 770 милијарди евра, односно 87% од светските количини.
Просечната цена на емисиите во ЕУ надмина рекордни 100 евра за тон на почетокот на 2023 година но на крајот на годината се спушти под 60 евра за тон.
Од регионот Црна Гора веќе воведе систем за ограничување и трговија со емисии, а најниската стапка кај нив е 24 евра по тон.
Компаниите активно се подготвуваат за данокот на јаглерод
Компаниите оценуваат дека овој механизам кој ќе се применува од јануари 2026 година во Европската унија ќе ги зголеми нивните трошоци, а во наредните години трошоците ќе растат бидејќи компаниите покрај плаќањето на данокот ќе треба да инвестираат во намалување на емисиите на јаглерод двооксид. Според нив, државата треба да биде внимателна во однос на примената на директивата и определбата кого ќе оданочува.
Компанијата „Макстил“ која е една од нив вели дека на адаптирањето кон барањата на европската директива за јаглерод работи веќе 3 години.
– Притоа направени се пресметките на директните (Опсег 1) емисии, создадени во текот на производниот процес над кои како производител имаме директна контрола и индиректните (Опсег 2), кои се однесуваат на емисиите од производството на електрична енергија што се троши во производниот процес. Усогласувањето на пресметките согласно директивата е завршено, а како основа на пресметката е земен водичот од меѓувладиниот панел за климатски промени, којшто функционира во склоп со ОН и се смета за авторитет. Исто така, Макстил има веќе направено програма за декарбонизација во којашто до 2030 година компанијата се обврзува да ја намали својата јаглеродна емисија за 10% – велат од Макстил.
Во однос на тоа колку ќе се зголемат трошоците на компанијата со воведувањето на европскиот механизам од компанијата велат дека од сегашна гледна точка тоа е неблагородно да се планира.
– Но сепак, според првичните согледувања со примена на оваа регулатива од 1 јануари 2026 година таксата би чинела 2,5% од просечната цена на 1 тон јаглеродна емисија согласно ЕУ ЕТС системот (Европскиот систем на тргување) со тенденција на пораст до 100% од просечната цена на 1 тон јаглеродна емисија до 2034 – појаснуваат оттаму.
Според компанијата, сè уште не се знае државата како ќе ја пресметува давачката бидејќи допрва треба да утврди дали јаглеродната давачка која планира да ја воведе ќе се пресметува само на емисиите на јаглерод или и на увозните компоненти вградени во производите.
– Согласно последната работна верзија на новиот Закон за климатска акција, има најави дека јаглеродната давачка би ги опфатила и влезните материјали, но во моментов сето ова останува како предвидување, бидејќи јаглеродната давачка по тон финален производ е многу тешко да се утврди. Попрецизна слика се очекува по усвојувањето на споменатата законска регулатива, којашто ќе треба да биде донесена во наредниот период од Министерството за животна средина и просторно планирање. Секако за Макстил ова би било голем предизвик, како од аспект на влијанието на јаглеродна давачка на зголемувањето на цената на чинење на топловаланиот лим, така и од исполнувањето на обврските за известување поврзани со CBAM директивата – додаваат од компанијата.
Од цементарница Усје, пак, велат дека нивното производство е наменето за домашниот пазар и уште не е јасно како ќе изгледа и на што ќе се пресметува новата давачка во земјава.
– Производството на ТИТАН Усје е главно наменето за македонскиот пазар. Сепак, Усје ги следи обврските за намалување на емисиите на стакленички гасови кои ги презеде земјава и целиот регион за постигнување на јаглеродна климатска неутралност до 2050 година. Усје, како дел од Групацијата ТИТАН, повеќе од 15 години имплементира бројни активности за намалување на јаглеродниот отпечаток и пред усвојувањето на овие одредби. Произведуваме цементи со намален CO2, кои веќе се прифатени на пазарот, ја зголемивме енергетската ефикасност во производството, инсталиравме своја фотоволтаична централа од 3 MW, вложивме во проекти за обновливи извори на енергија, оперативно и со позитивни ефекти врз животната средина го оптимизираме производството преку дигитализација и употреба на вештачка интелигенција, имплементиравме сериозна инвестиција во процес на користење на алтернативни горива кои се помалку енергетски интензивни, го намалуваат влијанието врз животната средина, а се решение и на големиот проблем на депонирање на отпадот – велат од компанијата.
Оттаму посочуваат и дека сите компании треба да направат промени насочени исклучиво кон намалување на емисиите на CO2, што значи дека се потребни сериозни инвестиции.
– За реализација на вакви капитални инвестиции, покрај средствата, клучен ресурс е и времето, зашто роковите за имплементација на CBAM се навистина куси – велат од Усје.
Компанијата предупредува дека земјава ако воведува некаква давачка за емисиите на јаглерод ќе треба да ја воведе и за увезените производи бидејќи со нееднаквиот третман на компаниите во процесот на утврдување кој ќе плаќа ваков данок може да се создаде проблем во домашната индустријата која ќе треба да ги зголеми цените на производите и може да биде неконкурентна на пазарите дома и во странство.
– Ги поздравуваме напорите на национално ниво за минимизирање на емисиите на CO2 и воопшто секое приближување со одредбите на ЕУ, но очекуваме еднаков третман со останатиот дел од индустријата во земјава, зашто е неодржливо товарот да паѓа само на дел од индустријата. Тоа би претставувало ризик за поскапување на одредени производи и неконкурентност на нашата индустрија. Посебно треба да внимаваме да не копираме само дел од европското законодавство. Во таа смисла, производите што се увезуваат во Северна Македонија од надвор треба исто така да бидат предмет на идентичен јаглероден данок според CBAM, за да се заштити домашното производство и да не се предизвика зголемување на цените на домашниот пазар на производи кои не се пласираат за извоз. Исто така, за да се овозможи постигнување на националните прагови за декарбонизација, треба да се измени и другото законодавство, односно Законот за управување со отпадот – велат од Усје.
И двете компании се подготвени да учествуваат во процесот на прилагодување на државава кон европската директива.
Енергетскиот сектор е прв на удар поради јагленот
Со европската регулатива е опфатено и производството на електрична енергија кое се базира на фосилни горива, во прв план јагленот и мазутот. Тоа за земјава ќе значи дека извозот на ЕСМ кој главно произведува енергија од јаглен ќе подлежи на оваа давачка.
Од Министерството за енергетика појаснуваат дека веќе се преземаат активности за замена на јагленот со други ресурси главно со гас и обновливи извори.
– Токму гасот како погонско гориво во наредните три децении се очекува да биде основа за целосно напуштање на употребата на фосилни горива за производство на електрична енергија. Плановите исто така опфаќаат изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола, која ќе обезбеди и електрична и топлинска енергија во согласност со строгите еколошки стандарди. Оваа електрана ќе биде основа за енергетска транзиција на РЕК Битола, која ќе обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект се очекува да започне и енергетската транзиција на комбинатот, постепено заменувајќи го јагленот со природен гас како примарно гориво. Зелената транзиција за РЕК Битола во план е да почне со конвертирање на еден од термоблоковите во ТЕ ТО електраната која би испорачувала топлинска и електрична енергија, а како погонско гориво ќе користи гас. На тој начин, и конкретно ќе почне напуштањето на користење фосилни горива за производство на електрична енергија. А кога точно би почнало во најголем дел ќе зависи од динамиката на гасификација на земјава и изградбата на гасната инфраструктура до прагот на ТЕ Битола. АД ЕСМ и РЕК Битола се свесни дека европските насоки повикуваат на долгорочно напуштање на јагленот како извор на енергија, но засега не се планира затворање на РЕК Битола – велат од Министерството за енергетика.
Оттаму додаваат дека државата засега не планира да ја затвори РЕК Битола.
– Доколку решиме да го затвориме тогаш би морале да увезуваме електрична енергија, а на тој начин драстично би се зголемиле цените на струјата за граѓаните и за малите компании. Новото раководство интензивно работи на забрзување на енергетската транзиција преку стратегија која се фокусира на зголемена инвестиција во обновливи извори и изградба на нови гасни централи, како и адаптација на мрежата за идната транзиција кон водород. Со ваквиот пристап се очекува постепено и контролирано да се замени јагленот, без да се компромитира енергетската безбедност на земјата – велат оттаму.
Од Министерството додаваат дека механизмот за адаптирање на границите на јаглерод (СВАМ) ќе се однесува само на делот од електричната енергија која е произведена од фосилни горива и која ќе биде извезена во земји-членки на ЕУ.
– Домашната потрошувачка на електрична енергија нема да биде засегната од CBAM. Сепак, потребен е систем за докажување на потеклото на електричната енергија и тоа е она што нам ни недостасува – систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија, дали е од јаглен, гас или од ОИЕ – велат од Министерството.
Кој може да биде ослободен од плаќање данок на јаглерод?
Во регулативата за CBAM механизмот, наведен е привремен исклучок од обврската за плаќање на надоместокот при извоз (само) на електрична енергија во земја-членка на ЕУ.
– За да ја користи оваа поволност земјава треба да исполни два услова: да постигне целосно спојување на пазарите за електрична енергија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година и второ да развие патоказ и да се обврзе на имплементација на механизам за наплата на јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложи за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година – велат од Министерството за енергетика.
Што е данок на јаглерод?
Данокот на јаглерод е алатка која ја користи моќта на пазарот за да ги намали емисиите што придонесуваат за климатските промени. Данокот на јаглерод всушност значи дека се плаќа надоместок за секој тон емисии на СО2. Надоместокот може да се наплаќа за енергенси како јаглен, нафта и природен гас (врз основа на очекуваните емисии од тие горива) или врз основа на мерењата на СО2 емитирани од најголемите извори на загадување како што се електраните.
Во енергетиката, електраните што користат горива кои се повеќе јаглеродно-интензивни (како на пример, јагленот и мазутот) би платиле повисок данок на јаглерод по единица потрошена енергија од оние што користат природен гас. Изворите што се потпираат исклучиво на обновлива енергија (на пр. сончева или ветерна енергија, хидроенергија) не би биле оданочени.
Се очекува компаниите кои имаат големи емисии и ќе плаќаат данок на јаглерод да бидат мотивирани да инвестираат во нискојаглеродни решенија што чинат помалку од данокот, како што се мерките за енергетска ефикасност и технологиите со помала емисија на штетни гасови.
Крајните потрошувачи, како што се домаќинствата и трговските објекти, исто така ќе бидат мотивирани да ги намалат своите емисии. Тие исто така би имале природен поттик да го намалат јаглеродниот интензитет на производите што ги купуваат.
Кои се обврските на земјава по потпишување на договорот во Париз?
Со потпишувањето на Договорот од Париз, Македонија се обврза на амбициозна цел: до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со емисиите од 1990 година. Покрај тоа, за пристапување во ЕУ на крајот ќе биде потребно учество на европскиот пазар на јаглерод, односно учество во системот за трговија со емисии на ЕУ (ЕУЕТС). ЕУЕТС ги ограничува емисиите на стакленички гасови од производството на електрична енергија, од индустријата и од националното воздухопловство со доделување ограничен број емисиски единици што можат да се купат и продаваат меѓу учесниците.
Македонија, заедно со сите други држави во светот, го потпиша Договорот од Париз, кој има за цел да го задржи зголемувањето на температурата на глобално ниво под 2 степени Целзиусови и да спречи климатските промени да предизвикаат сериозни последици.