Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири се изјасни дека не е виновен за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, кое му се става на товар во обвинението, за кое судскиот процес почна денеска во Кривичниот суд Скопје.
Дојавите за бомби, кои денеска ги добиле повеќе скопски училишта, го одложија за околу половина час рочиштето за поранешниот генерален секреатар на Владата. Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Катерина Коларевиќ доцнеше на судењето поради тоа што училиштето во кое учи нејзиното дете добило дојава за бомба.
Откако го сослуша обвинението и рече дека го разбрал, Зеќири негираше дека го оштетил буџетот со тоа што без јавни набавки, склучил договор со фирма, чии сопственици се хрватски државјани и беа осомничени, но бидејќи се недостапни за органите на прогон – постапката за нив е запрена, а тие се бараат со потерници.
– Не се чувствувам виновен – рече Зеќири.
Адвокатот Владимир Андреевски, кој го брани Зеќири, рече дека обвинителниот акт е полу-политички говор. Во воведниот говор тој рече дека очекува ослободителна пресуда за својот клиент.
– Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не го сторил кривичното дело, дека во неговите дејствија нема инкриминирачки елементи и во поглед на законска дозволеност на неговите дејствија, но и во поглед на евентуалната штета. На обвинетиот не може да му се суди за негова стручност или нестручност, туку за повреда за закон при негово постапување како генерален секретар или евентуална штета. Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не излегол од рамките на неговите овластувања при склучувањето на договорите. Дека се работи за специфична материја, за специфични прашања, ќе докаже дека не е сторена штета, од причини што моделите за кои се склучувани договори се со цел да не се сторува штета на буџетот во иднина од делувањето на загубарите, т.е. Пошта и МК Железници, за кои е јавна тајна е дека имаат милионски загуби, секоја година, во континуитет, а за кое никој не сносил одговорност до сега – рече адвокатот Андреевски.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвиние против поранешниот генерален секретар на Владата Зеќири во кое тој се товари дека во повеќе наврати, без јавна набавка избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра, кои завршиле во приватни фирми.
„Во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100 денари (околу 942 000 евра), што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18 отсто ДДВ, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, се вели во Обвинителниот акт.
Вториот договор за кој се гони Зеќири е за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Железници“ – Транспорт АД Скопје и бил склучен на 23.06.2021 година, со друга консултантска фирма, во вредност од 772.400 евра без ДДВ.
„На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162 денари (околу 183.000 евра) за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138 денари (околу 378.000 евра), за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, велат од Обвинителството.