Поранешниот генерален секретар во Владата, Мухамед Зеќири од апелациските судии побара да биде пуштен на слобода. Тој денеска на јавна седница во Апелациониот суд убедуваше дека нема да избега од државата во случај да му биде укината мерката притвор, пренесе АЛСАТ.
Но, со тоа не се согласуваат од обвинителството. Тие стравуваат дека Зеќири може да влијае на постапката и да ја попречува истрагата која се води против него. Скопска Апелација од понеделник ќе одлучи дали Зеќири да излезе или и понатаму ќе остане во притворот во Шутка.
– Сакам да напоменам дека од предистражната постапка јас бев во тек поради функцијата која ја вршев. Јас потпишав да се дадат сите документи кои ги побарале од мене, било експедитивно процесуирано. Да сум сакал да бегам, сум имал простор повеќе од една година бидејќи знаев дека се води постапка. Кога беше првиот пат предложена мерката притвор, поднесов оставка, за да не ја попречувам истрагата која се води против мене. Не размислувам ниту имам зошто да бегам. Фамилијарен човек сум, се грижам за четири деца, имам две од првиот брак и имам двегодишна ќерка и посинокот на мојата сопруга кој е малолетен – рече Зеќири.
Тој таму се наоѓа веќе околу два месеца под сомнение за злоупотреба на функцијата при јавна набавка без тендер од околу еден милион евра.