Официјалниот дел од руско-турските разговори во Сочи меѓу претседателите Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган заврши по час и половина, пишува РИА Новости.
Лидерите на двете земји ќе продолжат да комуницираат на работен ручек, а потоа се очекува и заедничка прес-конференција.
Според Си-Ен-Ен, Путин му рекол на Ердоган дека Русија е подготвена да разговара за заживување на Црноморската иницијатива за жито.
– Имаме многу за што да разговараме, вклучително и за безбедноста во регионот. Нема да ја игнорираме темата за украинската криза. Знам дека имате намера да поставите прашања за договорот за жито, ние сме отворени за преговори за ова прашање – му рекол Путин на Ердоган.
Ердоган во разговорот со Путин истакнал дека разговорите за коридорот за жито ќе бидат „многу важни“.
– Денес сите го следат прашањето за коридорот за жито. Верувам дека пораката на прес-конференцијата ќе биде многу важен чекор, особено за неразвиените земји во Африка – рекол Ердоган.
Во јули, Русија дозволи да пропадне Црноморскиот договор за жито, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција. Договорот гарантираше безбеден премин на украинското жито од нејзините пристаништа на Црното Море.
Откако се повлече од договорот, Русија ја продолжи блокада на украинските пристаништа и ги изложи на тешки бомбардирања, таргетирајќи складишта и инфраструктура и зголемувајќи ги стравувањата за глобалната безбедност на храната.
Путин, исто така, во понеделникот истакна дека трговскиот промет меѓу Русија и Турција минатата година се зголемил за 86%, а „позитивниот тренд продолжува и во првата половина од оваа година“.
Рускиот лидер на почетокот на средбата изјавил дека шефовите на држави ќе разговараат за прашања поврзани со украинската криза.