Заврши изградбата на браната „Конско“

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Модерно наводнување на најмалку 6.500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за 5 пати, помали трошоци и поконкурентно производство, ќе овозможи браната „Конско“ чија изградба и официјално е завршена. Овој капитален проект, како што беше речено на денешниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулационото езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување на пловечките фотоволтаци.

-Ова е најголемиот капитален проект за регионов во последните 20 години и за државата во последните 50 години. Поминавме и КОВИД криза, но ништо не не спречи во реализирање на инвестицијата вредна над 40 милиони евра. Бев тука во 2018 година, кога заедно со тогашниот премиер Зоран Заев го притиснавме копчето кое означи старт на работата. Оттогаш дојдовме повеќе пати, го следевме целиот процес, присуствуваме на тестирањето на опремата и сведочевме на првото полнење на браната. Затоа, овој проект го доживувам како нешто лично, но и како траен печат за државата и овој регион, проект кој го мапира и МЗШВ како институција која работи за доброто и потребите на земјоделците – изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем „Гевгелиско поле“ е една од најсериозните инвестиции во македонското земјоделство, но и на енергетски план со оглед дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.

-Верувам дека, како што беше и претходно потенцирано, со најголемата инвестиција во последните децении во гевгелискиот крај повторно се враќа фокусот и вниманието кон земјоделството и развојот на нашиот јужен регион. Очекувам дека вакви и слични проекти ќе следат и во останатите делови од земјата каде што недостасуваат акумулации како поддршка на земјоделското производство. Во оваа прилика не треба посебно да се потенцира што значи земјоделството како стопанска гранка за нашата држава. Кога во светски рамки храната постојано поскапува и има недостатоци од некои производи, од суштинско значење е да имаме стабилно и квалитетно земјоделско производство. Не смее да има изговори за нашите ниви да остануваат неизорани и непосеани. Секоја педа од оваа дарежлива македонска земја треба да се искористи – рече Пендаровски.

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски потенцира дека денешниот ден е многу значаен за земјоделството.

– Оваа брана, најголем проект во последните 50 години во државава, за малку помала од Мавровската, ќе го развие и туризмот, многу скоро ќе дојдат инвеститори кои ќе сакаат тука да изградат објекти. Горд сум што оваа голема инвестиција почна и заврши за време на Владата на СДСМ. Ако некој можеше во минатото, пред две декади, да упати критика до нас дека не сме ги довршувале работите, ова е најдобра потврда за спротивното – рече Ковачевски.

На настанот присуствуваа поранешниот премиер Зоран Заев, пратеници, владини претставници, градоначалници, директори на претпријатија и економско-социјални партнери на МЗШВ.

Изведувачот на работите на браната „Конско“ е турскиот конзорциум од компаниите „Серка“ и „Ак Ели“, а надзорот го вршеше Градежниот институт.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article