Затвореник во КПУ „Идризово“ Јанко Јаневски, поранешен заменик министер за култура, кој сега отслужува 9-годишна затворска казна, тврди за ТВ Алфа дека е изложен на смртни закани од други затвореници, како и од затворски командир, кои се обидуваат да му изнудат пари.
Тој вели дека заканувачите, осуденици од „Диво Насеље“ му барале во рок од 24 часа да достави 4.000 евра кај командирот, заканувајќи се дека во спротивно ќе биде убиен и тој, и неговата сопруга и неговите деца. Јаневски ги повикува надлежните да реагираат.
Директорот на затворот Зоран Јовановски за Алфа изјавил дека ги повикал затвореникот и командирот на разговор и констатирал дека станува збор за „должничко-доверителски однос меѓу нив и лично недоразбирање, кое трае подолго време“.
Затвореникот Јаневски потврди дека имало средба и дека директорот му советувал да не оди преку медиумите, туку да пријави во Обвинителството, но поради сомнежот дека случајот може да се забошоти, решил да го изнесе во јавноста.