Американските медиуми објавија дека администрацијата на претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис „преку дипломатски канали“ врши притисок врз Иран за да ги запре заканите против Доналд Трамп и други поранешни членови на неговата администрација.
Белата куќа соопшти дека Соединетите Американски Држави веќе со години внимателно ги следат иранските закани кон поранешниот претседател Доналд Трамп и предупреди дека ќе следуваат „тешки последици“ ако Техеран нападне некој американски државјанин.
„Ова го сметаме за прашање од највисок приоритет за националната и внатрешната безбедност и остро ги осудуваме овие дрски закани на Иран“, се наведува во официјалното соопштение на Белата куќа.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савед, изјави дека доколку Иран нападне некој од американските државјани, вклучувајќи ги оние кои извршуваат државна функција или биле на таква позиција во минатото, Техеран ќе се соочи со „тешки последици“.
Иранците веќе биле информирани преку дипломатски канали дека Вашингтон ќе смета за чин на војна секое загрозување на животот на Трамп, изјави неименуван службеник. Во написот на „Вашингтон пост“ се наведува дека претседателот Џо Бајден „тивко“ го задолжил својот Совет за национална безбедност да го предупреди Иран дека САД ќе сметаат секој обид за убиство на поранешниот претседател Трамп за воен чин.
Во јануари 2020 година, Трамп, кој тогаш беше претседател на САД, нареди воздушен напад во Багдад, при кој беше убиен командантот на елитната иранска единица Кудс, генералот Касем Сулејмани. Оваа акција следуваше откако Белата куќа тврдеше дека добила разузнавачки податоци дека Сулејмани планира непосредни напади врз американските дипломати и воени сили во Ирак, Либан, Сирија и други делови на Блискиот Исток.
Трамп, кој е кандидат на републиканците на претстојните претседателски избори во САД, кои ќе се одржат на 5 ноември, соопшти дека добил информации од американските разузнавачки службеници за наводна закана од Иран за загрозување на неговиот живот.