Заканата од проширување на пожарот кој утрово се појави на територијата на Националниот парк кон селото Врбен е значително намалена

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Заканата од проширување на пожарот кој утрово се појави на територијата на Националниот парк кон селото Врбен е значително намалена. За да нема штети кон имотите на жителите, таму вечерва ќе дежураат групи од месното население. Ширењето на огнот е спречено со делување од воздух.

Самир Ајдини, директорот на НП „Маврово“ за МИА информираше дека моментната состојба со пожарот над селото Врбен е под контрола, но ќе се следи будно и преку ноќта. Опасноста по населението и имотите на жителите засега е намалена.

– Од пријавата за оган во атарот на селото Врбен, наша екипа со над триесет вработени беше испратена на терен со противпожарна опрема. Тие делуваа до околу 20:30 часот. Засега состојбата со огнот е под контрола и во договор со жителите на селото ќе има група која ќе дежура, до наутро, кога повторно планираме да испратиме екипа од вработени во паркот – изјави за МИА, директорот Ајдини.

Тој потврди дека огнот се појавил на места каде што има грмушести растенија и смреки, но со разгорувањето зафатил дел од шумата со ела и не можеше да ја потврди причинетата штета со оглед дека станува збор за непристапен терен

Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК, потврди дека овој пожар се појавил утрово околу 10:30 часот. Во текот на денот покрај месното население, вработени во националниот парк, во гаснењето се делувало и од воздух со авиони и хеликоптер.

Тој во изјавата појасни дека пожарот над селото Врбен во Општина Маврово и Ростуше бил од поголем размер и почнал да се приближува кон селото.

– Последната линија огнот дојде до 500 метри над првите куќи од селото, но олеснителна е состојбата што помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат – рече Ангелов.

Ангелов информираше на ова подрачје во текот на денот дејствувале со пет ер-трактори со коишто успеале да го изгаснат едниот крак, а воедно, како што рече, дејствувал и еден голем полициски хеликоптер МИ-171, со големо ведро од два ипол тони. Според него, овие интервенции ја намалиле и линијата на пожарот.

- Advertisement -
Ad image

Според податоците на ЦУК денеска гореле 32 пожари од кои 15 се целосно изгаснати, шест се ставени под контрола и 11 се сѐ уште активни.

Други тешки пожари во текот на денот се регистрирани и во општина Македонски брод, пожар кој гори повеќе од 20 дена, во Пехчево кој гори веќе четири дена, а тешки пожари се регистрирани и во Новаци, Охрид и Ресен каде гори од двете страни на Националниот парк Галичица како и во општините Пласница, Кочани, Македонска Каменица  и Долнени. Три тешки пожари беснаат и на територијата на општина Кичево кај селата патец, Зајас и кај местото викано Нора ранч.

– Кај селото Патец е избегната драма благодарение на храбрите пожарникари од Кичево и локалните жители и верувам дека пожарот кој силно гори нема да го зафати селото. Но пожарот се движи кон село Козичино – изјави Ангелов.

- Advertisement -
Ad image

МВР попладнево соопшти дека нивниот голем хеликоптер Ми – 171 денеска исфрли вкупно 83 тони вода во гаснењето на пожарите кај Кочани и Маврови Анови.

Share This Article