Поради закана од поставена бомба, полски авион морал принудно да слета на аеродромот во Подгорица, Црна Гора.
Во четвртокот попладне патнички авион на полската компанија ЛОТ Полиш ерлајнс принудно слета на аеродромот во Подгорица откако капетанот соопшти дека добиле закана за бомба. Заканата се покажа како лажна, јави српската новинска агенција Танјуг.
За време на летот над Црна Гора во четвртокот, екипажот на авионот ја известил контролата на летање дека мора да слета на аеродромот во Подгорица. Таа по слетувањето во 16:34 часот ја известила црногорската полиција за закана од поставена експлозивна направа.
Авионот бил изолиран и се оддалечил од патничкиот терминал, додека полицијата ги евакуирала патниците и го прегледала авионот. Не е пронајдена експлозивна направа.
Сообраќајот на аеродромот во моментот на инцидентот се одвивал нормално, а полицијата за случајот го известила и јавното обвинителство во Подгорица.