Групата за реформи во правосудството наречена „Блупринт група“ реагира на недоволната транспарентност и направените пропусти при изборот на Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) кој што беше спроведен на 7 ноември 2022 година.
За прв пат изборот на основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК се врши од страна на сите јавни обвинители во државата, а Советот на јавните обвинители на РСМ има надлежност само да го констатира изборот, согласно волјата на јавните обвинители, во согласност со Законот за јавното обвинителство донесен во 2020 година и измените на Законот за Советот на јавните обвинители од 2020 година.
– Овој начин на избор на основниот јавен обвинител на ОЈО-ГОКК, Блупринт групата го смета за напреден процес кој влијае на унапредување на независноста на јавните обвинители и внатрешната контрола на јавно-обвинителската професија. Во прилог на овој начин на избор, укажува и заинтересираноста на 163 јавни обвинители кои учествуваа во изборот на основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК, се посочува во соопштението.
Сепак, групата смета дека имало пропусти во текот на постапката за избор на основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК.
„Процесот на избор беше недоволно транспарентен, па за четирите кандидати недостасуваа податоци за професионалната кариера. Јавноста, а посебно стручната јавност, немаше можност да се запознае со предлог програмата на кандидатите што би влеало доверба во процесот, а би влијаело на доверба во институцијата. Ова е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за Обвинител кој ќе раководи со Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, чии постапки се од висок интерес за јавноста, медиумски се експонирани и значително влијаат врз формирањето на мислењето и довербата на јавноста во обвинителството и судството во целина“, посочуваат од Блупринт групата.
Во таа насока, Блупринт групата смета дека е потребно значително унапредување на транспарентноста во процесот, при што јавноста, а посебно стручната јавност, е неопходно да биде запознаена со професионалната кариера и компетенциите на кандидатите и нивните планови за развој и раководење на ОЈО-ГОКК. Блупринт групата укажува дека не се запазени ниту минимум стандарди за изборот да биде оценет како транспарентен, затоа што биографиите на кандидатите со нивните професионални компетенции не беа објавени на веб страницата на Советот на јавни обвинители, кој ги спроведува изборите.
Блупринт групата изразува загриженост и за начинот на објавување на неофицијалните информации за изборот на основниот јавен обвинител на ОЈО-ГОКК пред официјално да бидат собрани гласовите од страна на Комисијата за спроведување на изборите и очекува објективно и непристрасно известување базирано на докази и официјални извори.
Со оглед дека зајакнувањето на одговорноста, независноста и непристрасноста, како и транспарентноста на сите правосудни институции се императив во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022), Блупринт групата за реформи во правосудството укажува дека во иднина неопходно е повеќе да се посвети внимание на транспарентноста во изборните процеси во правосудните органи, за да не се создаваат сомнежи во изборот, кои влијаат на довербата во институциите“ – се вели во соопштението.