За смртта на 65 деца, кои починаа минатата година во Узбекистан од контаминиран сируп против кашлица, има 21 обвинет меѓу нив и високи функционери и бизнисмени. Тие ќе седнат на обвинителната клупа во големиот судски процес што почна денеска во Врховниот суд во Узбекистан.
Со почетокот на судскиот процес јавноста дозна за значително поголем број на смртни случаи од претходно пријавените. Надлежните институции во Узбекистан претходно соопштија за 20 смртни случаи поврзани со лековите, кои се произведени од индиската фармацевтска компанија Марион Биотек.
Меѓу 21 обвинет, сите државјани на Узбекистан, има и поранешни високи функционери кои биле задолжени за лиценцирање увозни лекови и управители на приватна компанија која ги увезувала и дистрибуирала лековите, се вели во соопштението на Врховниот суд на Узбекистан.
Обвиненијата против нив вклучуваат даночно затајување, продажба на супстандардни или фалсификувани лекови, злоупотреба на службената положба, фалсификување и поткуп.
Индискиот регулатор ја одзеде лиценцата за производство на Марион Биотек, која ги извезуваше сирупите во Узбекистан и уапси некои од нејзините вработени. Правните застапници на Марион Биотек во декември изјавија дека компанијата жали за смртта на децата.