Колку бегалската криза и војната во Украина ќе влијае на вработувањето на македонски граѓани во странство, засега не се знае, но се знае дека одолговлекувањето на кризата може да влијае на намалување на побарувачката на работници во одделни сектори. Проблем за нашите граѓани кои сакаат да работат во странство би се јавил и ако Украина дозволи и машката популација да ја напушти земјата, што засега е малку веројатно, но не и невозможно.
Агенциите кои посредуваат при вработување во странство велат дека засега, иако е рано бегалците од Украина да бараат работа во земјите каде што се сместени, проблем може да има во одделни сектори каде што работи женска работна сила. Се очекува поради напливот на бегалци да паднат и дневниците и платите кои ќе ги добиваат странските работници во земјите на ЕУ.
– Да, бегалската криза ќе има влијание на побарувачката на работници во земјите од ЕУ но не во сите сектори. Главно ќе може да се почувствува намалена побарувачка во секторите каде што се бара женска работна рака, угостителството и хотелиерството, здравство … бидејќи моментално бегалци се само жени и деца. Така што занаетчиските работи за кои најчесто конкурираат нашите работници нема да претрпат некои промени. Проблем ќе има ако Украина дозволи земјата да ја напуштат и мажите, односно да дозволи спојување на семејствата. Во такви услови голем притисок ќе има на пазарот на труд, посебно во Германија каде што и најмногу сакаат да работат нашите граѓани – вели Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“.
Според него, годинава во европските земји се очекува пораст на побарувачката на работници во хотелиерството и угостителството, бидејќи во овие сектори има најава за подем на туризмот по тешките години со пандемијата.
Милан Џинлев од агенцијата „Приорити солуции за вработување“ вели дека засега е рано да се каже дали ќе има намалена побарувачка на работници од земјава во земјите од регионот каде што најчесто како сезонски работници одат македонските граѓани.
– Во земјите од регионот не очекуваме драстични промени, бидејќи нашите работници имаат приоритет при изборот поради познавањето на јазикот. Хотелиерите и туристичките работници во Хрватска, каде што ние испраќаме работници, иако имаат побарувања за сезонци, засега чекаат да видат што ќе донесе војната и економската криза и како таа ќе се одрази во туризмот. Моментално украински бегалци во оваа земја нема, но секако, ако во наредниот период има бегалци ќе има и програми за нивно вработување – вели Џинлев.
Според него рано е да се каже колку бегалската криза ќе влијае на намалување на вработувањето на наши сограѓани во странство.
– Со оглед дека моментално се работи на прифаќање на бегалците и главно земјите носат мерки за нивна помош, а Украинците сè уште не се заинтересирани да работат бидејќи се надеваат дека брзо ќе се вратат дома, засега нема големи промени на пазарот на труд. Нашите партнери во Украина не навестуваат дека ќе има голем интерес за напуштање на земјата и работа во странство, но се ќе зависи од тоа колку ќе трае војната и што ќе се случува натаму – вели Џинлев.
Дел од посредниците при вработување во странство со кои контактиравме велат дека програмите за вработување се реализираат непречено за оние граѓани кои ги исполнуваат условите за работа во земјата во која сакаат да одат. На огласите за работа во странство најчесто се бараат квалификувани работници во градежништвото, медицински кадар, но и возачи и работници во хотелиерството и угостителството.
Поради војната, се претпоставува дека земјата ја напуштиле околу 8 милиони луѓе. Моментално најголемиот дел од нив се сместени во Полска, но се очекува нивна рамномерна распределба во другите земји на ЕУ.