За купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година граѓаните потрошиле 25,3% повеќе од претходната година. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4,6 милиони евра, а просечната трансакција 43 евра. 72% од вредноста и 80% од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија.
Во анализата се користени податоците на народна банка според кои лани граѓаните со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра, а од тие дури 34% односно 195,6 милиони евра ги потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн.
Најмногу пари граѓаните лани потрошиле во Холандија (27,5 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (890.000). Највисока просечна вредност на е-трансакција се остварени во Унгарија односно 144,3 евра, додека во Луксембург се направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11,7 евра.
Според анализата високиот износ на онлајн трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија е резултат на тоа што од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.
Најголем пораст во 2023 година од земјите кои сочинуваат 72% од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81.6%).
Странците, пак, лани за купување производи преку е- трговци од земјава потрошиле 26,8 милиони евра, што е пораст од 23% во однос на 2022 година.
Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 852.300 трансакции или просечно потрошиле 31,4 евра по трансакција.
Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година 50% припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Скоро 4 милиони евра или 18,5% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2,6 милиони евра или 9,7% од Швајцарија и 1,7 милиони евра или 6,2% од Обединетото Кралство. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 5,6% од онлајн трансакциите, Турција со 4%, и Ирска и Бугарија 3% од вредноста на онлајн трансакциите.
Најголем пораст на бројот како и на вредноста на направените онлајн трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, додека највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра.