За една недела евидентирани се 27 нови случаи на магарешка кашлица

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период. Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 20, а пријавени се заболени и во Битола – три, Куманово – две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

– Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст – се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.
Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

– Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Share This Article