Зголемените цени на пченицата и повисоките цени за 10% на брашното се причина за зголемување на цените и на пекарските производи, велат од мелничко-пекарската индустрија, откако во трговските објекти и во пекарските продавници одредени категории на леб и бели печива поскапеа за неколку денари.
Од пред месец и половина поскапе брашното, а од пред една недела срамежливо почна поскапувањето на лебот и на печивата. Лебот на парчиња на голем производител во продавниците поскапе за 4 денари, а малите пекарници ги зголемија за неколку денари и цените на переците, ѓеврекот и други производи.
Пекарите велат дека имаат зголемени трошоци во производството поради повисоката цена на основната состојка на производите – брашното.
– Во изминатиот период имаме голема осцилација на цените на пченицата на берзите, тоа влијаеше и на зголемување на цената на брашното. За околу 10% од пред месец и половина е повисока цената на брашното, бидејќи просекот на берзанските цени на пченицата и транспортот се во тие рамки. Токму ова зголемување на цената е причина и за новите повисоки цени на пекарските производи. Зголемувањето е во рамки на процентуалното зголемување на цената на брашното од околу 10%, а големите производители на леб се принудени дел од производството да го поскапат за да можат да опстанат – вели претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија на СКМ Горан Малишиќ.
И Горан Георгиевски од Агро-комората на Сојузот на стопански комори вели дека главна причина за зголемување на цените се зголемените трошоци на пекарската индустрија.
– Поскапеа пченицата и брашното, а Европската унија ги зголеми царините за увоз на пченицата. Во меѓувреме забранет е и увозот на пченица од Украина и Русија што влијае на зголемување и на берзанските цени на пченицата и потоа на брашното, а тоа го зголеми трошокот во пекарниците. Како што знаете, цените на производите се формираат на слободен пазар според понудата и побарувачката и ова зголемување е направено според овие критериуми – вели Георгиевски.
Мелничарите и пекарите се надеваат дека за време на жетвата цената на пченицата ќе биде пониска што ќе влијае и на цените на нивните производи. Нивните очекувања се дека најголемиот дел од резервите на пченица ќе ги обезбедат на домашниот пазар по, како што велат, нормални цени кои треба да се формираат на слободен пазар.
– Не може да се предвиди што ќе се случува на пазарот на пченица, бидејќи последниве години, таму има неочекувани пресврти. Според тоа, ние како компании не можеме да планираме по какви цени ќе ги обезбедиме резервите од пченица во наредниот период, но вообичаено во екот на жетвата цените се намалуваат што секако ќе влијае и на цената на нашиот производ. Меѓутоа сè ќе зависи од тоа по кои цени ќе ги набавиме новите количини пченица и колкави количини ќе се обезбедат од домашното производство. Верувам дека годинава ќе откупуваме по пазарни цени, односно по нормални цени. Што ќе се случува ќе видиме за време на жетвата и по неа. Тогаш ќе може и да се зборува за цените и на нашите производи – вели Малишиќ.
Малите пекарници, пак, се жалат дека покрај зголемените трошоци на производство односно поскапите репроматеријали за производство, не кренале глава откако е воведена неработна недела бидејќи им е дозволено производство, но не и продажба на производите во недела. Згора на тоа имаат и повисоки трошоци за работниците.
– Речиси сите репроматеријали ни се поскапени, од пред месец и половина поскапе и брашното. Ние не правиме големи резерви на брашно за да можеме да одржуваме ниска цена. Секоја нова набавка ни е со нова цена. Како се менуваат трошоците, така и ние сме принудени да ги зголемуваме цените – вели пекар.
Граѓаните негодуваат дека секое влегување во маркет ги чини повеќе пари.
– Никој не смета дека не можеме да живееме нормално. Торбите ни се сѐ попразни, а паричниците празни. Секој ден некоја цена скокнала. Купуваме поскап зеленчук, овошје, млечни производи, па еве и лебот и ѓеврекот поскапеа. Може да речам дека килограм веќе никогаш не е во мојот речник кога влегувам во продавница или одам на пазар – вели Милена Г..
Сите се надеваат дека понудата и побарувачката на пченица ќе се стабилизираат на одредено ниво за тие да имаат стабилни трошоци и да понудат производ со достапна цена за граѓаните.