Лидерот на Српското движење за обнова (СПО) и писател Вук Драшковиќ оцени дека ќе се повтори 1948 година, кога Југославија му кажа историско „не” на Советскиот Сојуз, и дека исходот ќе биде ист, јави дописникот на МИА од Белград.
– Ризикот со кој би се соочила сегашната влада доколку реши да се отклони од Русија и да се сврти кон Западот е значително помал од оној што постоеше во 1948 година, кога Тито му рече историско „не” на Сталин и кога насекаде околу Југославија беше војската на Сталин – кажа Драшковиќ, во програмата „Половина час Демостат”.
Тој на констатација на изјавата на Александар Вучиќ од 2019 година за „никогаш повеќе ’48.”, рече дека „1948 година ќе се повтори и исходот ќе биде ист”.
– Ако (Александар Вучиќ) се одлучи за тоа историско „не“, нема да има никаков ризик. Тие што млатат под црковни знамиња, тоа брзо би издишало, бидејќи на крајот на краиштата, овој народ не е народ без мозок, кој нема историско искуство и меморија, само треба малку да се потсети – истакна Драшковиќ.
Драшковиќ рече дека за тоа е потребно само да се отворат медиумите и да му се каже на народот вистината за тоа што се случува во Украина, за злосторствата што власта на Путин ги прави во Русија и да се потсети на злосторствата во регионот што се случија во 90-тите.
– Нема да се повтори никаков 27 март – кажа Драшковиќ на прашањето дали доколку Вучиќ радикално ја сврти Србија кон Запад, ќе има немири или демонстрации како по потпишувањето на Бриселскиот договор, со неколку илјади луѓе.
Говорејќи за косовското прашање, Драшковиќ оцени дека документот на Германија и Франција за решение на косовскиот проблем кој во моментов е „на маса” е ново пакување од планот на Ахтисари за Косово.
Тој потсети дека на преговорите за конечниот статус на Косово, кои се одржаа во Виена во 2006 и 2007 година, а на кои и самиот присуствуваше како шеф на српската дипломатија, Ахтисари наметнал решение за конечниот статус, кое не предвидуваше формално признавање од Србија и кое беше прифатено од сите до самиот крај.
– Меѓутоа, кога дојде време за гласање, Русија се обиде да тргува и побара Абхазија, Осетија и Придњестровје да добијат ист статус како Косово, што Западот го одби, по што Русите рекоа дека документот на Ахтисари не може да оди пред Советот за безбедност на ОН затоа што ќе стават вето.
Оттогаш, додаде Драшковиќ, јавноста во Србија е заведена со приказната дека Советот за безбедност на ОН го отфрлил планот на Ахтисари, но не беше така, туку тоа го направи Русија. Треба работите да се именуваат со вистинско име. Затоа што Русија сакаше да тргува и на косовскиот случај да реализира некои од своите геостратешки интереси.