Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утре почнува со консултации за кандидат за нов премиер, а на првиот ден од консултациите ќе разговара со претставници на четири изборни листи кои го поминаа цензусот на парламентарните избори одржани во април годинава, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ, консултациите ќе се одржат во зградата на Генералниот секретаријат на Претседателот на Републиката, а ќе започнат со претставници на Коалицијата на Албанците од (Прешевската) долина.
Потоа се закажани консултации со партијата на СДА Санџак – д-р Сулејма Угљанин и партијата Заједно за Војводина, која ја сочинуваат Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина и Заедно за Војводина.
На пладне планирани се консултации со партијата Муфтиин аманет – Партија на правдата и помирувањето (СПП) – Усама Зукорлиќ.
Претходно, претседателот на Народната странка (НС) Вук Јеремиќ изјави дека претставниците на таа партија нема да одат на консултации кај Вучиќ, а пратеникот на Коалицијата на Албанците од долината Шаип Камбери изјави дека ќе одговори на повикот за консултации, но дека не би ја прифатил евентуалната понуда од претседателот Вучиќ да стане член на Влада на Србија.