Денеска е еден од најтешките денови во модерната историја на земјата, изјави вечерва претседателот на Србија Александар Вучиќ, во обраќањето до нацијата по трагедијата што се случи во училиште во Белград.
– Изразувам сочувство до семејствата на убиените деца, децата и семејството на убиениот работник во училиштето. Србија е обединета во тагата, таа тага е толку голема што не се сеќаваме на поголема. Кога сме обединети во тагата, мора да ја гледаме нашата одговорност и да бараме решенија за вакво нешто, колку и да е непредвидливо, никогаш да не се повтори – рече тој.
Вучиќ предложи да се воведе мораториум за чување и носење оружје во наредните две години, освен за ловечко оружје. Потоа, да се контролира работата на сите стрелишта, да се изврши ревизија на сите издадени дозволи и да се контролира начинот на кој лицата го чуваат оружјето.
– Мојот предлог е да се намали лимитот за кривична одговорност од 14 на 12 години – рече Вучиќ и додаде дека постои можност убиецот да знаел дека не може кривично и законски да одговара.
Вучиќ рече дека момчето кое го извршило кривичното дело е во специјално одделение на Kлиниката за невропсихијатрија.
– Од овој момент момчето е на посебно место, ќе биде сместено во посебен дел на Клиниката за невропсихијатрија. Неговиот татко, како сопственик на оружјето кое, јасно, го чувал нелегално иако ги имал сите дозволи, е уапсен. Во притвор е и мајка му. Бидејќи има многу приказни и лаги кои се шират на мрежите, должен сум да зборувам за вистински примери и последици, а не за она што кружи како гласина – рече претседателот на Србија.
Тој оцени дека полицајците си ја завршиле работата, не по делото, туку пред злосторството.
– Беа на лице место пред да започне наставата. Полицаецот го обиколи училиштето, разговараше со сите, си ја заврши работата, не рутински, туку професионално и добро. Безбедноста е многу добро интегрирана во училиштето – рече Вучиќ, додавајќи дека злосторството се случило во едно од најдобрите училишта.
Да потсетиме, Коста Кецмановиќ (13), седмоодделенец во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, утрово застрела 7 девојчиња и 1 момче, како и припадник на обезбедувањето, а тешко повреди 6 ученици и 1 наставник.