Српската Народна банла (НБС) потврди дека ја разгледува опцијата да чува дел од државните девизни резерви во кинеската валута јуани, што како можност претходно го најави и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви, фактот што јуанот е вклучен во валутната структура на надворешниот долг на Србија, како и интернационализацијата на јуанот и неговото растечко значење во глобалните плаќања и на меѓународниот финансиски пазар, Народната банка на Србија како една од опциите за проширување на инвестицискиот универзум го разгледува и инвестирањето на дел од девизните резерви во средства деноминирани во јуани, изјавија од НБС за порталот N1.
Оттаму додаваат дека сѐ уште не е донесена конкретна одлука, односно дека НБС е во процес на обезбедување на потребните предуслови (инфраструктура) за вклучување на кинескиот пазар на обврзници.
– Конкретните одлуки за инвестирање на одреден дел од девизните резерви во финансиски инструменти деноминирани во јуани, како и во сите други случаи, ќе бидат донесени со внимателно разгледување и анализа на сите неопходни фактори, имајќи предвид дека кинескиот јуан е петта најтргувана меѓународна валута на глобалниот финансиски пазар, воедно и петта најкористена валута во глобалните плаќања, како и шеста валута по учество во глобалните девизни резерви – соопшти НБС.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на неодамнешната посета на Пекинг, каде Србија го потпиша Договорот за слободна трговија со Кина, изјави дека од јануари 2015 година кинескиот јуан е на списокот на валути на Србија за меѓународниот пазар и дека НБС размислува да ја вклучи кинеската валута во своите девизни резерви.