Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во врска со новите напади на неговата мајка изјави дека неговите политички противници, кои ги нарече губитници, повторно употребиле најодвратни зборови и лаги за неа, но тој им порача дека никогаш нема да ги „чепне“ нивните семејства.
„Последниве денови, по проверен рецепт, кога не знаат како да ги победат поуспешните од нив, моите политички противници го најдоа виновникот во мајка ми Ангелина. Повторно ги употребија најодвратните зборови и лаги“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Заедно со објавата тој сподели фотографија со родителите во зградата на Претседателството на Србија.
„Мајка и татко ме посетија заедно за првпат во зградата на Претседателството на Србија. Благодарен сум им за сета грижа и љубов што ја дадоа на мене и на мојот брат, како и на нашите деца. Ние, Вучиќ, не можеме доволно отворено да ги покажуваме емоциите, но секогаш сме заедно и тоа никој не може да ни го одземе“, истакна претседателот на Србија.
Тој им порача на политичките противници дека нивните семејства никогаш нема да бидат допрени.
„Мојата порака до политичките губитници е дека за мене нивните семејства и нивните мајки се свето нешто кое никогаш нема да го допрам, а вие како сакате“, рече Вучиќ.