„Добив многу љубезна покана да се приклучам на самитот на БРИКС на 23 и 24 октомври. Тогаш имаме важни гости од странство, но сега не би зборувал за тоа“.
Вака изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за поканата која ја доби од рускиот колега Владимир Путин пред десетина дена, пишува српски Телеграф. Вучиќ има набиена агенда токму во октомври кога треба да присустува и на Генералното собрание на Обединетите Нации, а на 20 октомври Белград слави 80 години од ослободувањето.
– Полека, имаме важни посети и пристигнувања и заминувања. Ќе разговараме за тоа околу 10 октомври. Подобро да не ви кажувам што сè имаме. Како што велат децата – гужва во шеснаесетникот. Им благодарам на луѓето од БРИКС за поканата и до претседателот Путин. Го имаме и Њујорк и веќе знам дека ќе имам разговори со најмалку шест претседатели и најмалку седум или осум премиери на маргините на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации – додаде тој.
Вучиќ најави дека на 20 октомври во Белград ќе се организираат бројни програми и планови.
– Не заборавајте дека 80-годишнината од ослободувањето на Белград е на 20 октомври, а Црвената армија е таа, која во најголем дел, со помош на нашите сили го ослободи Белград и ѝ донесе слобода на нашата земја – рече српскиот лидер.
Но, според вицепремиерот на Србија Александар Вулин, кој вчера во Владивосток се сретна со Путин, српскиот претседател не ја одбил поканата на Путин за БРИКС. Вулин вели дека Вучиќ и Путин ќе разговараат во однапред договорен телефонски разговор.
– Русија и Србија се стратешки партнери и тоа никој не може да го промени – изјави Вулин за РТС, додавајќи дека Србија нема да воведе санкции кон Русија.
Тој додаде дека Вучиќ и Путин се пред сè пријатели, нагласувајќи дека Србија нема да воведува санкции кон Русија.
Вулин рече дека побарал од руските партнери веднаш да започнат преговори за нов гасен аранжман, да не чекаат до март 2025 година, кога истекува договорот меѓу двете земји, но оти верува дека одлуката на крајот ќе ја донесат претседателите на Русија и Србија, бидејќи тоа не е само економска, туку и политичка одлука.
– Дали мислите дека ќе ја преживееме оваа зима без руски гас. Мислам дека двајцата претседатели ќе разговараат за ова – рече Вулин.