Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека досега од граѓаните на Србија се собрани повеќе од три илјади парчиња нелегално оружје. Тој денеска за телевизија Пинк рече дека граѓаните на Министерството за внатрешни работи му предале и десетици илјади парчиња куршуми и експлозивни средства.
– Тоа е добра вест, бидејќи ризикот е многу помал за граѓаните на Србија. Сега добивам писма во кои ми велат дека не убива оружјето, туку злосторничкиот ум, но очигледно не можеме веднаш да откриеме кои се тие умови, затоа ова е важна акција и добро е што ја започнавме оваа акција – рече Вучиќ и посочи дека е подготвен за тие потези да ја „плати политичката цена“.
Вучиќ наведе дека „99 отсто“ од родителите, децата и наставниците позитивно реагираат на поставувањето полицаец во секое училиште, бидејќи така се чувствуваат побезбедни.
Претседателот на Србија додаде дека и наставниците ќе се чувствуваат побезбедно, бидејќи има деца насилници кои мислат дека имаат право да се однесуваат дрско и потврди дека следи итен прием на нови полицајци.