Договорот со конзорциумот „ИРД Инеженеринг” од Италија за надзор врз работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ќе ги гради коридорите 8 и 10д, е екстремно дарежлив за ангажираните странски и домашни експерти, покажува анализа на порталот 360 степени, кој дојде до договорот.
Најголем дел од 22,3 милионскиот тендер за надзор одат кај „Електра солушнс“ или подизведувачите што тие ги ангажирале. Тоа се околу 8,3 милиони евра. За „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ, за кого има обвинение во Ерменија, наменети се околу 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони евра одат кај „ИРД Инженеринг“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“, се предвидени „скромни“ 400.000 евра.
Анализата на договорот покажува дека она што на јавноста ѝ се претставува како надзор од меѓународни експерти, всушност, е само завеса зад која доминантно стојат домашни кадри. Во Договорот за надзор, поединечно се набројани имињата на експертите што ќе работат на надзорот и колку ќе чини нивната работа. Од 81 наброено име, само 5 се на странци од кои четворица се од земји од соседството, од Хрватска, Србија и Црна Гора. Останатите се од Македонија, а еден, директорот на проектот, е Италијанец.
Според документите, цената на услугите на овие лица од странство е паушал од 300 илјада евра по човек, односно вкупно за четворицата, државата ќе плати 1.200.000 евра, а 900 илјади евра од нив ќе поминат преку домашната „Електра солушнс“.
Договорот отвора и други прашања, особено за цените на услугите. На пример, услугата за секој геометар ќе се наплаќа по околу 5.600 евра месечно. Секој надзорен инженер ќе чини по 8 до 9. 000 евра месечно, додека месечниот трошок за главен надзорен инженер е 20.000 евра – такви има четворица – за секоја од четирите делници. За директорот на проектот, Италијанецот Паоло Орсини, ангажманот ќе се плаќа 27.000 евра месечно, или вкупно 1,3 милиони евра во текот на целиот проект.