Претседателот на едно од крилата на Алијансата за Албанците, Зијадин Села смета дека коалицијата Вреди воопшто не се прашува во Владата затоа што „станаа дел од неа по милоста на ВМРО-ДПМНЕ, а не по заслугата на гласот и легитимноста“.
Во гостување на ТВ21 Села истакна дека Вреди не се занимава со сопствената програма, а зборува за владеењето на ДУИ.
– Кога си дел од власта како губитник, кога не си дел од власта како победник, туку си таму на милост и немилост на друга партија која те зеде, нормално е дека Албанците ќе ја имаат оваа позиција. Во многу институции воопшто немаме албански претставници. Ние би му помогнале на Вреди, но тие не сакаат помош, велат 20 години вака, 20 години онака… Остави ги изминативе 20 години, со нетрпение ги очекувам вашите 20 години… – вели Села.
Тој е дециден дека Алијансата на Албанците ќе остане негова партија.
– Арбен Таравари може само да го злоупотреби името на Алијансата на Албанците, а како нејзин основач, жал ми е што гледам како се злоупотребува, бидејќи мотото на АА не било сервилност. Не мислам дека Таравари ќе ја земе АА, бидејќи колку побрзо имаме одлука, толку помалку ќе дозволиме да се оцрни името на партијата. Ги имаме овие судови што ги имаме, кога се решаваат овие предмети во судовите, секако дека има преседани, се обидуваат да ни направат одлагања, но нема да успеат – рекол лидерот на Алијанса.