Зголемување на платите на вработени во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), повторно бара синдикатот на УПОЗ кој го активира штрајкот кој беше во мирување од март. Штрајкот ќе трае до исполнување на барањата. За врeме на штрајкот ќе работи само архивата за примање на пошта и дел од вработените во лабораторијата на МАНУ кои не се членови на синдикатот.
Синдикатот тврди дека раководството на МАНУ во периодот додека штрајкот бил во мирување не ја испочитувал потпишаната спогодба и не направил ништо за решавање на проблемот. Според спогодбата до 31 12.2023 година требало да се потпише нов колективен договор со кој би се решил проблемот со платите на вработените.
Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејановски на прес-конференцијата рече дека вработените во МАНУ штрајкот го започнаа на 9 февруари 2023 година, кој траеше еден месец, по што е потпишана Спогодба за ставање во мирување на штрајкот. Но, како што вели Дејановски, од потпишаната Спогодба меѓу вработените и работодавецот не е исполнето ништо. Затоа штрајкот повторно е активиран и ќе трае до исполнување на барањето, а тоа е зголемување на платите на вработените.
-Раководството на МАНУ наместо да го решат проблемот во периодот додека мируваше штрајкот најми адвокатска канцеларија која контактира со вработените и која има една единствена задача, а тоа е да ги заплаши вработените и да најде начин, како да го забрани одвивањето на штрајкот. Овие адвокати за неполн час делење совети наплаќаат износи кои се половина од парите потребни за плата на вработените. Раководството на МАНУ во истиот период обезбедува пари за исплаќање на други вработени во МАНУ и за акадамиците – рече Дејаноски.
Тој додаде дека вработените кои штрајкуваат се под силен притисок и безобразни навреди од раководството на МАНУ .
-Дел од академиците, раководителите на организационите единици при МАНУ кога беше најавено активирањето на штрајкот веднаш почнаа со закани на вработени дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители со пцости и навреди почнаа да им се обраќаат на вработените. Што не им доликува на титулата Академик. Кажувам дека од сега натаму ќе ги објавуваме имињата, без разлика кои имиња и за какви позиции станува збор, на сите кои ќе вршат притисок на штрајкувачите – рече Дејаноски.
Првиот човек на синдикатот на УПОЗ информира и дека раководството на МАНУ планира да се ослободи од вработените кои се вкупно 36 луѓе и да ангажира надворешна фирма за извршување на работите.
-Ангажирана е фирма која веќе работи – рече тој.
Дејаноски го повика основачот на МАНУ, собранието да поведе грижа за случувањата и за исполнување на обврските кон вработените.
Благој Грујиќ, претседател на синдикалната организација на МАНУ изјави дека тие бараат решение на проблемот со ниските плати поради кои и сите конкурси кои се распишуваат за пополнување на празните работни места се неуспешни.
-Последните 15 години секој конкурс е објавен во медиуми на македонски и албански јазик. тоа што никој Албане, ниту Македонец, ниту Палестинец не се јавува на конкурсите е посебен пробелем. Никој не сака да работи за минимална плата. Човек со високо образование во МНУ зема 5 пати пониска плата од тие што со исто образование работат во другите научни институции – рече тој.