Финскиот мултимилионер Андерс Виклоф (76) е казнет со 121.000 евра поради пребрзо возење по пречекорување на дозволената брзина за 30 километри на час. Во Финска казните се изрекуваат според приходите на сторителот, но и врз основа на претходни прекршоци.
Виклоф му рекол на Nya Aland, весник на шведски јазик од Оландските острови, автономен фински регион во Балтичкото Море, дека му е жал и дека почнал да успорува, но претпоставува дека не го направил тоа доволно брзо.
Виклоф, претседател и основач на холдинг компанија чии годишни приходи се 350 милиони евра, рече дека ограничувањето на брзината наеднаш се променило од 70 км/ч на 50 км/ч додека возел 82 км/ч.
Казните за сообраќајни прекршоци во Финска се засноваат на тежината на прекршокот и приходите на прекршителот, кои полицијата може веднаш да ги провери по телефон со поврзување со централната база на податоци на даночните обврзници.
Тоа што Виклоф претходно беше казнет двапати поради пребрзо возење беше отежителна околност. Му е одземена и возачката дозвола на 10 дена, пренесува Гардијан.
Бизнисменот, по кого е именуван „Виклоф холдинг арена“, главниот стадион на островот, беше казнет со 63.680 евра во 2018 година, пет години откако беше казнет со 95.000 евра за истиот прекршок.
Финска изрекува казни на лизгачка скала за низа прекршоци, а казните се прогресивни, што значи дека колку е поголем приходот на сторителот, толку е поголема казната.
Швајцарија, која користи сличен систем на казни, се смета дека изрече највисока сообраќајна казна – 3.600 франци дневно за 300 дена, или околу 1,1 милион евра за шведски возач фатен вози со 290 километри на час меѓу Берн и Лозана.